Град Скопје: Од понеделник субвенции за купување инвертери
Градот Скопје во понеделник ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување, а добитниците ќе се бираат по принципот кој аплицирал прв електронски преку онлајн платформата. Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по дата и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари. Во Буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари.
Инвертерите треба да се купени по 1 јануари 2022, а повикот ќе биде отворен до 01.11.2022 година или до денот на исцрпување на средствата. Граѓаните ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут.
На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери.
Документацијата потребна за онлајн аплицирање ќе биде објавена во понеделник на интернет страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk , а аплицирањето ќе се врши преку платформата www.uslugi.skopje.gov.mk , која исто така ќе биде активирана во понеделник.
Слично
