ГОСПОДИНОВ: КРИТИЧНИОТ ОСВРТ НА ФАКТОР Е НАЈГОЛЕМ АРГУМЕНТ ЗА КВАЛИТЕТОТ, придонес кон јавното мислење
Илија Господинов, Претседател на УО на МАСИТ- Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии
Честитам голема 10ка!
Фактор е еден од водечките медиуми во нашата земја, и ми претставува големо задоволство да го честитам Вашиот јубилеј од 10 години постоење како медиум. Во изминатиот период МАСИТ има остварено многу професионална и ефикасна соработка со Фактор, и со таа цел ја поздравувам вашата одржливост и раст. Начинот на пренесување на суштината, непристрасноста и интуитивното поврзување на информациите се карактеристични за Фактор, а тоа е силен аргумент за здрава јавна дискусија и решавање на проблемите со кои се соочува нашето општество.
Како Комора, МАСИТ е гласот на ИКТ секторот. Нашите компании членки генерираат силен економски раст кој се чувствува во целото општество, а ова ни дава особена можност да вложуваме во нашите вработени и да креираме работна околина конкурентна во глобалниот ИКТ пазар. Темите кои се од значење за развојот на технологијата, дигитализацијата и економскиот раст секогаш се од највисок приоритет за Фактор и заедно ставаме силен акцент на овие прашања од критична битност за подобрувањето на квалитетот на животот. Новиот начин на работа е невозможен без силна инфраструктура и дигитализација на деловните процеси.
Силните здравствени, политички и економски предизвици во последните три години придонесуваат за зголемена загриженост за иднината. Ова е особено присутно кај младите професионалци кои треба да чувствуваат сигурност да изградат семејство и кариера, тука, дома. Екипата на Фактор и МАСИТ се одлични партнери во изминатите 10 години, и заедно ставаме акцент на повеќе теми, меѓу кои даночните реформи, можноста за работа од дома и флексибилното работно време, со цел ИКТ секторот да продолжи да расте. Во период на економска стагнација и зголемена инфлација, ова е најдоброто нешто што може да го сториме за доброто на сите. Критичниот осврт на Фактор кон овие теми е најголем аргумент за квалитетот на медиумот и неговиот придонес кон јавното мислење.
За крај, би сакал да истакнам во името на УО на МАСИТ, дека ќе продолжиме со зголемување на конкурентноста на македонските ИКТ компании и инвестицијата во нашите млади студенти и професионалци. Заедно со Фактор и целата медиумска јавност и понатаму ќе ставаме акцент на државните политики кои мора да водат сметка за потребите и специфичностите на ИКТ индустријата и да ги прилагоди за поддршка на зголемен економски раст.
Фактор, Ви посакувам се’ најдобро и за следните 10 години.
