Гошев: Огромни износи од Македонија се изнесуваат годишно
Ова што ни се случува заслужува експлозија од незадоволство, заслужува незадоволство што ќе ја збрише оваа власт од нејзините запоседнати места, ќе ги отстрани, ќе ги оддува како ветер и ќе ги спречи да ги прават овие штети на Македонија, изјави Петар Гошев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
За новинарски истражувања поврзани со документите од Панама Гошев вели дека оние износи коишто влегуваат во Македонија или излегуваат од Македонија од и кон тие дестинации, не биле големи износи, но тоа воопшто не значи дека и корупцијата, криумчарените пари и украдените пари од Македонија соодветствуваат со тие мали износи.
„Напротив, има други индикации коишто говорат дека големи, огромни износи од Македонија се изнесуваат годишно како незаконски однесени пари надвор од Република Македонија. Вие го знаете оној годишен извештај на Глобал фајненшал интегрити. Таму имаше проценка дека од 2004 до 2013 година, за 10 години, се одлеале повеќе од 5 милијарди долари или годишно во просек се одлевале 516 милиони долари незаконски средства од Република Македонија. Тоа е проценката на Глобал фајненшал интегрити. Има пари во овие дестинации од Македонија. Овие износи коишто се покажуваат се минимални во споредба со вистинските. Така што, прашањето е целосно отворено. Тие големи износи коишто ги споменува Глобал фајненшал интегрити треба да се истражат, а се случуваат такви големи износи на одлевање затоа што вкупниот правно-економски систем е нефункционален, коруптивен, затајуваат контролните механизми скоро на сите нивоа и Македонија е таков случај“ - вели Гошев.
Банките се должни, според Законот за спречување на перење пари, да ја информираат соодветната агенција за секоја евентуално сомнителна трансакција што ќе се стори и тие се должни да ја истражат, додава Гошев.
