Економија, финансии, бизнис

Контакт

Гошев: Економски раст во рацете на фамилијата на власт

Гошев: Економски раст во рацете на фамилијата на власт
Клучното прашање не е колкав е растот на економијата, туку како се распоредува. Растот може да биде и 5 отсто, ама ако го собере фамилијата на власт, народот нема да види ништо од тоа, вели долгогодишниот политичар Петар Гошев во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Гошев, вели дека нема шанси овој економско-политички систем во наредниот период да обезбеди услови за еден добар живот. - Овој економско-политички систем којшто го гради оваа власт има изгледи да ја дезинтегрира Република Македонија и да ни произведе тешки брани во блиска или подалечна иднина, затоа што тие градат една орвеловска држава во којашто нели има центар за вистината, таму е вистината, во тој центар, во тоа Министерство за вистина, коешто се наоѓа или во кабинетот на Владата на Република Македонија или во кабинетот на премиерот, а оперативен извршител е оној Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Тој Центар за комуникации, којшто има задача од највисоко ниво, нам ни претставува една утопија која што можеме да ја споредиме со утопијата наречена Шангри-Ла. Има еден британски новелист, Џејмс Хилтон, којшто во 1933 година има напишано роман „Изгубениот хоризонт“. Ова место, идилично управувано од будистички храмови на најдобар можен начин, се наоѓа таму некаде кај Хималаите, таму е сè мед и млеко. Македонија таква сака да се претстави од овој центар. Ниедна институција денес не може, не смее да соопшти точен податок за вистинската состојба во Република Македонија и јавноста едноставно не ја знае вистината за состојбите во земјата. Тие се многу полоши, трендовите се многу полоши. На пример, не е ли злосторничко здружување против народот да ги криеш од народот податоците за вистинскиот долг и потоа народот да ги дознае како во случајот на Грција, како во случајот сега на Србија и на многу држави коишто банкротирале и да не редам милион такви постапки, вели Гошев во интервјуто. Говорејки за економскиот раст Петар Гошев вели дека може Македонија да оствари 3 отсто раст, може да оствари и 4 отсто, но, тоа според него е споредно прашање. - Централното прашање е каде оди тој раст, дали оди кај шака луѓе, кај еден грст луѓе, дали тој раст го собира 1 процент или 2 проценти од домаќинствата во Македонија или тој раст се разлева кај сите граѓани на Република Македонија. Значи, може и 5 отсто да е, ама ако го собере фамилијата на власт, народот нема да види ништо од тоа, вели Гошев. За странските инвестиции во Македонија, Гошев вели : - Овој вид на распродажба, на багателизирање на ресурсите на Република Македонија може да се сврстат во злосторничко здружување против народот на Македонија, бидејќи ресурсите на овој народ им ги давате на странците за ништо, бидејќи ништо е да им платите на оние 3-3,5 илјади луѓе во Кавадарци осум илјади денари, па уште и прекувременото да не им го платите, а за возврат да не добиете ништо. Тие да бидат ослободени од плаќање даноци, добивките си ги пренесуваат и вие да се фалите дека сте донеле странска компанија во Република Македонија со тоа што вршите најгруба експлоатација, сте се вратиле на 19-товековен концепт на капитализам. Значи, ова робување на работната сила од страна на тој странски капитал којшто се величи во тој концепт на глобализација во којшто има добитници и губитници, а ние сме губитниците и не водиме сметка како, глобализацијата се разбира има и позитивни страни, како да ги амортизираме негативните ефекти од таа глобализација или како да сме помалку губитници во тој процес на глобализација на којшто ние не можеме да влијаеме поинаку, освен да најдеме начин како на најдобар можен начин да се снајдеме во тоа. Значи, тоа е во рамките на тој ист популистички концепт, истакнува Петар Гошев. - Не може лесно да се излезе од ситуацијата во којашто се наоѓаме. Се плашам дека ова мочуриште ќе продолжи да се шири, затоа што имате политички елити коишто немаат ниту образовен, ниту интелектуален, ниту етички капацитет да ги средуваат работите во Македонија и тоа е основната стратегија. Се разбира може да го обвинуваме народот зошто не гледа, зошто не реагира итн. Во многу држави со повисоко ниво, народот исто така задоцнето ќе ја види вистината. Луѓето имаат дневни проблеми, не се сконцентрирани, не се обучени триковите на мангупите навреме да ги согледуваат или да проценуваат што одредена постапка ќе донесе по една, по две или по пет години. Значи, Македонија е во тешка ситуација, имаме политичка нестабилност. Треба да имате културно ниво, треба да имате високо обичајно ниво, треба да имате комплетен капацитет, критична маса на луѓе коишто ќе ги поведат работите напред. Тоа нема да оди лесно, но со вакви структури, со вакви лидери на земјата кризата ќе се продлабочува. Концептот на современата демократија во светот е управување преку дискусија. Што поголема инклузивност на сите делови од општеството, државата им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, тие се државата, државата не е врхушката што ги добила изборите на разни начини, со манипулации, со гушењето на слободата на изразувањето, со поткупи на еден сиромашен народ којшто секојдневно чека некој доток на средства, вели во интервјуто за РСЕ ПетарГошев.
Слично

Поврзани вести