ГОРНА ГРАНИЦА НА ЦЕНАТА НА НАФТАТА 63-64 ДОЛАРИ ЗА БАРЕЛ: Западот ги разработува деталите
Американските и
западните власти ги финализираат плановите за ограничување на цената на руската
нафта. Официјалните лица рекоа дека опсегот на цените сè уште не е одлучен, но
едно лице запознаено со процесот рече дека горната граница ќе биде поставена во
просек од 63 до 64 долари за барел, објави Скај њуз.
Таквото ниво е во согласност со неодамнешните коментари на американската министерка за финансии Џенет Јелен дека ограничувањето на цената на околу 60 долари за барел „ќе и даде поттик на Русија да продолжи да произведува нафта“.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден смета дека ограничувањето на цената е начин да се намалат приходите од нафтата за Русија, кои се главниот извор на финансирање за нејзината војна против Украина, додека се избегнуваат скокови на цените на нафтата. Горната граница ќе биде одредена во наредните недели, пред 5 декември, кога ќе почне европското ембарго на руската нафта.
Инаку, Путин претходно и се закануваше на Европа поради најавата на ЕУ дека може да ги ограничи цените на руските енергетски производи.
„Понатамошната примена на политиката на санкции може, без претерување, да предизвика уште потешки, па дури и катастрофални последици на светскиот енергетски пазар“, рече Путин.
„Санкциите против Русија предизвикуваат многу поголема штета на земјите што ги воведуваат“, рече тој, што досега многупати го повтори, посочувајќи дека цените на енергенсите во западните земји експлодираа. Тој изрази задоволство што другите земји производители на нафта се спротивставуваат на барањата на Западот да го зголемат производството за да ја компензираат бојкотираната руска нафта и да го спречат растот на цените.
ФОТО: EPA