Економија, финансии, бизнис

Контакт

Горивата не изгореа! Како испарија 1,1 милијарди евра за 10 месеци?

Горивата не изгореа! Како испарија 1,1 милијарди евра за 10 месеци?

Фактите се поразителни, а македонската економија се соочува со колапс! За 10 месеци годинава увозот на горива во Македонија испумпа 1,84 милијарди евра или 1,1 милијарда евра повеќе од тоа што за речиси истата количина увезени горива сме го платиле истиот период лани. Ова се големи пари за нашата економија, а тие испарија од тука! Економистите се согласни дека таа сума ќе ја раздрма или поблаго кажано ќе влијае врз девизната структура во домашниот банкарски систем и покрај тоа што тој е стабилен и издржлив на негативни влијанија. Овие факти кај секој здраво разумен отвараат прашања дали има компас нашиот естаблишмент зашто излегува дека неговите мерки за ублажување на кризата не вредат „ниту сува слива“. Оти епилогот од нивните мерки е една милијарда евра повеќе пари само во увоз на горива. На нас ни се стемни, но на тие што го собираат нашето ДДВ им се раздени, а во економијата секогаш е така. Затоа што плативме повеќе ДДВ на зголемените основици формирани од растечките цени на горивата (дизел, бензин, метан, автоплин). А тие што го собираат ДДВ-то играат во истиот тим со овие кои „носеа мерки“ и дозволија од нашиот девизен систем да испарат  1,1 милијарди евра

За увоз на горива за десет месеци ни наплатија 1,1 милијарда евра повеќе од тоа што ни го наплатиле за речиси истата количина во истиот период лани. Овие факти се јавно достапни во најновиот извештај за надворешно трговската размена на Македонија изготвен од Државниот завод за статистика (ДЗС) достапен на следниот линк https://www.stat.gov.mk/pdf/2022/7.1.22.14_mk.pdf

 Увозот на горива вреди 1,84 милијарди евра за првите десет месеци или 1,1 милијарди евра повеќе од истиот период лани кога за увоз на горива и мазива сме платиле во странство неполни 746 милиони евра. Аздисаните берзански цени и нашиот некадарен естаблишмент направија дупка во трговската размена вредна 1,1 милијарди евра кои се девизен одлив само по основ на горивата.

Целиот дефицит во трговската размена е 3,18 милијарди евра за период од 10 месеци. Во овој дефицит увозот на горива учествува со 1,5 милијарди евра. Еве тоа е речиси половина од целиот дефицит. Тоа е влијанието на горивата од увоз врз нашата економија и врз нашиот животен стандард.

За македонската економија тоа е голема и значајна сума ликвидни средства или народски кажано кеш пари кои се платени во странство за увоз на горивата поточно нафтени деривати. А зошто нафтени деривати? Па затоа што Македонија нема своја рафинерија повеќе од 20 години, а цените дома се регулирани по референца на цени на деривати во странство.

Токму увозот на горива го набилда увозот од соседна Грција од каде и доаѓа најголемиот дел од горивата што ние ги трошиме. Официјалните податоци на ДЗС покажуваат дека увозот од Грција е дуплиран во споредба со лани. Надмина 1,1 милијарди евра.

Во меѓусебната трговска размена Грција е добитна со 874 милиони евра колку што од Македонија се одлеале во соседната земја, а голем дел од тие пари се токму за горивата кои од таму се увезени кај нас.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести