Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГОРИВАТА ДИВЕАТ – ТРАНСПОРТЕРИТЕ ПРЕД КОЛАПС, дополнително поскапување во малопродажба

ГОРИВАТА ДИВЕАТ – ТРАНСПОРТЕРИТЕ ПРЕД КОЛАПС, дополнително поскапување во малопродажба

Растот на цените на горивата предизвикува голема загриженсот кај граѓаните, но и кај компаниите, особено кај транспортерите и превозниците, каде учеството на горивата во трошокот има големо учество, па дел од нив стравуваат и од колапс.

Транспортерите потенцираат дека растот на горивата деновиве неизбежно ќе доведе до пораст на цените, но нагласуваат дека стравуваат од дополнително намалување на работата што пак може да ги доведе компаниите до затворање.

- Цените на горивата ќе предизвикаат лавина од поскапувања во секој сегмент на нашето стопанство, а особено ќе бидат погодени превозниците кои 96 отсто од стоката во извоз и во увоз ја превезуваат преку патниот сообраќај. Правилото е производителите, односно трговците да ги зголемуваат цените според порастот на трошоците, но за разлика од нив превозниците се борат во буквална смисла на зборот за малку поголема цена на превозот. Пазарната економија не дозволува да се остварат цени кои би биле реални и би овозможиле да се работи по принципот на одржлив раст и развој. Конкуренцијата на европскиот транспортен пазар е голема, особено поради ембаргото кое се спроведува кон Руската Федерација поради војната во Украина и се намалува производството на стока која вообичаено се превезувала и продавала на огромниот пазар во овие две држави, како и во Белорусија – наведуваат од Аоцијацијата „Макам-транс“.

Со цел да се ублажи негативниот тренд во однос на цените на горивата како репрезентативна асоцијација, „Макам-транс“ одново од Владата побара да се воведат мерки кои ќе влијаат на поевтинување на превозот кој се врши за комерцијални цели.

-  Како долгорочна мерка да се воведе во Закон за акцизи, обврска за враќање на дел од акцизата за сите комерцијални превози што ќе влијае и на стабилизација на цените на производите за широка потрошувачка и за репроматеријалите. Како краткорочна мерка во наредните неколку месеци да се воведе субвенции за превозните трговски друштва одредени според литар/денари по примерот на држави членки на ЕУ кои и покрај повратот на акцизата имаат и субвенции по литар гориво/евро – велат транспортерите.

Тие исто така потенцираат дека сегашниот раст на цените на горивата ќе бидат „тригер“ за нов пораст на цените на производите во малопродажба.

-  Без преземање на соодветни мерки за економската криза, поради цените на енергенсите, ќе се предизвика енормен раст на инфлацијата, а со тоа и големо назадување односно намалување на животниот стандард на населението, но и затворање на фирми, отпуштање од работа или заминување на квалификувана работна сила во странство – укажува Билјана Муратовска, генерален сектретар на „Макам-транс“.

Транспортерите не се единствените кои имаат значително зголемени трошоци, но кои не можат да ги вклучат во своите цени. Силен удар од растот на горивата трпат и превозниците и такси компаниите.

-  Засега цените за превоз преку такси компаниите во главнот град остануваат исти. Такси здруженијата немаат побарано раст на цените, бидејќи стравуваме дека и граѓаните ќе го избегнуваат такси превозот ако поскапи. Во минатото имавме задоволителна заработка, но денеска таа е многу намалена. Уште пред последниот бран поскапување, кога цените на бензините надминаа сто денари, се чуствуваше дека работиме со многу помала заработка. Како ќе биде сега, не би коментирал. Но, доколку побараме раст на цената за превоз граѓаните уште помалку ќе не бараат, особено сега во летните месеци – вели еден таксист од Скопје.

Со последната корекција на цените на горивата, сега Еуросупер БС-95 се продава по цена од 107 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 по 109 денари. Еуродизелот чини 99,5 денари, а Екстра лесното масло 95,5 денари за литар. Мазутот чини 54,6 денари за килограм.

Податоците кои ги објавува РКЕ за горивата покажуваат дека во цената на горивата на бензиските пумпи голем уддел имаат давачките кон државата и дека тие опфаќаат дури четириесетина проценти. Без давачките, односно набавните цени на горивата би биле значително помали, како што се забележува во табелата погоре.  П.О.

Слично

Поврзани вести