Економија, финансии, бизнис

Контакт

Гори манастирот Св. Прохор Пчињски!

Гори манастирот Св. Прохор Пчињски!
Пожар го зафати утрово манастирот Св.Прохор Пчињски, во близина на српско-македонската граница, потврди портпаролот на Полициската управа во Врање Драги Стаменковиќ. Според досегашните информации на полицијата, во пожарот нема жртви, а сите расположливи противпожарни екипи во регионот се на терен и се обидуваат да ја изгаснат огенената стихија. Првичните информации се дека во пожарот бил зафатен делот од манастирот познат како Кралски конак и оти целосно изгорел покривот на овие конаци во кои спијат сите монаси. Според одредени информации во српските медиуми, изгореле 80% од конаците, а противпожарните екипи се уште се обидуваат да спречат пожарот да се прошири и на останатите делови од манастирот. Се уште не се познати причините на пожарот. Манастирот Св. Прохор Пчињски се наоѓа во шумовит и тешко пристапен предел на планината Козјак, на левиот брег на реката Пчиња, на 30 километри јужно од Врање. Според преданието, во 11-от век манастирот го подигнал византискиот цар Роман Диоген, во знак на благодарност кон Св.Прохор Пчињски, кој му предвидел дека ќе стане цар на византиската империја. Лани, пак, беа одбележани 100 години од изградбата на Кралските конаци на манастирот. По завршувањето на Кумановската битка во 1912 година, српскиот крал Петар Први ја започнал изградбата на големиот конак во северозападниот агол на портата, веднаш до главната капија. Во моментот кога избувнал пожарот, биле започнати зафати за реновирање на конакот. Денес манастирот работи како културно-образовен центар на крајот и во него има богословска школа, а се изучува и иконописарскиот занает. Манастирот Св. Прохор Пчињски има огромно историско значење и за Македонија, како локација каде што се одржало Првото заседание на АСНОМ на 2-ри август 1944 година. Веќе неколку години, заради несогласувањата со Српската православна црква, македонска делегација не оди во Св.Прохор Пчињски за Илинден, туку настанот го одбележува во реплика од манастирската сала во која се одржа заседанието, во меморијалниот центар Пелинце.  
Слично

Поврзани вести