Гордана Јанкуловска : За приведувањето на Паско Кузман МВР постапи согласно законот и наредбите од надлежните институции
Министерката за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкуловска, денеска изјави дека за приведувањето на Паско Кузман МВР постапило согласно законот и наредбите од надлежните институции и дека не ги најавува полициските акции.
„МВР кога ќе добие наредба од обвинителството, како што тоа беше во конкретниот случај, веднаш постапува без никакви консултации и информации. Тоа е практика на секое МВР во светот бидејќи само така ќе бидеме подготвени да одговориме во секој момент кога обвинителството од нас тоа ќе го побара“, изјави Јанкулоска.
„Ако во овој момент МВР добие каква било наредба од обвинителството и од судот, таа ќе биде веднаш спроведена и за тоа не мора да биде информиран ниту министерот, ниту повисоките државни функционери бидејќи врз професионалното извршување на работите не влијае никаква политичка одлука, прецизира министерката.
Имено, Паско Кузман беше приведен под сомнение дека ја злоупотребил службената должност и овластувања Кривичниот суд во Скопје му определи куќен притвор од 30 дена на директорот на Управата за културно наследство,.
Кузман се товари дека нелегално, односно дека надвор од процедурите давал дозволи за ископување на археолошки локалитети заедно со група вработени во Управата.
Иако приведувањето на Кузман се третира како дел од процесот Фаланга 2, од МВР велат дека немаат докази и наоди дека Паско Кузман учествувал во нелегална трговија со артефакти.
Полицијата го товари дека пред две години незаконски дал согласност да се ископува во близина на Делчево и на Катланово. Медиумите тогаш шпекулираа дека на овие локации наводно се бара злато оставено од Германците во 1944 година. Никогаш не беше откриено дали е најдено златото на Германците, но според истрагата на МВР, Паско Кузман, заедно со еден од раководителите во Управата, кој го поттикнал да ги потпише согласностите, ја загрозиле безбедноста на културното наследство.
Освен што незаконски ги потишал согласностите за ископите, според пријавата, Кузман го оштетил и буџетот, барајќи полициско обезбедување на локациите, што МВР го чинело околу 20.000 евра, а оваа сума никогаш не ја платил.
