Ѓорчев: Замрзнувањето на работата на СДСМ во Собранието ја продлабочува кризата
Замрзнувањето на работата на СДСМ во Собранието не е добро и ја продлабочува кризата во Република Македонија, изјави денеска членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.
Со продлабочување на кризата губи народот и губи државата, додава тој. Според него, СДСМ тоне сè подлабоко во амбисот.
„Видоа дека вандализмот, уривањето и палењето се жестоко осудени од македонскиот народ и дека поддршката за нивната деструкција буквално се намалува од ден на ден. СДСМ сфати дека нивната безидејна и деструктивна политика е прочитана од народот. На сите им стана јасно дека СДСМ по ниту една цена нема намера да дозволи македонскиот народ да одлучува на избори. СДСМ ја внесе земјава во агонија и во криза и сака таа агонија и криза што е можно повеќе да продолжат затоа што немаат никаков капацитет за позитивен политички натпревар со идеи и со проекти. Минатиов период СДСМ се закануваше дека ќе го запали Уставниот суд, дека за уши ќе ги влече и на клоци ќе ги исфрла уставните судии “– вели Ѓорчев.
Тој рече дека сега останува да се види дали пратениците на СДСМ ќе ги замрзнат и платите и ќе се финансираат од истиот извор од кој се финансираат и таканаречените невладините организации.
