Економија, финансии, бизнис

Контакт

Горан Зенделовски: Професорите и студентите не стравуваат од дебата и не бегаат од наука!

Горан Зенделовски: Професорите и студентите не стравуваат од дебата и не бегаат од наука!
Додека професорите и студентите остануваат децидни на ставот за повлекување на предлог- Законот за високо образование и отворање на реална јавна дебата во која ќе бидат  детектирани  проблемите, секојдневно во јавноста се бараат професори и научни соработници кои не објавуваат свои трудови,  во,  според надлежните,  реномирани списанија со висок импакт фактор кои значително би го подобриле квалитетот во високото образование. Еден од нив, меѓу директно потенцираните од актуелната власт е и  доц.д-р Горан Зенделовски од Институтот за Безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет. Тој за Фактор вели дека  власта не може да ги види и препознае научните вредности, таа е ослепена, но истовремено е и без слух за нивните предлози и забелешки за поефикасен високообразовен систем. “Да се даде легитимитет на вакви предлог закони, а за кои е потребна долгорочна анализа,  потребно е претходно да се создадат услови за јавна дебата, и да се согледат целокупните аномалии во високото образование. Само во изминативе 5 година постоеја над 10-тина усвоени закони за изменување и дополнување на законот за високо образование. Овие чести изменувања  на законската легислатива не вродија плод во високообразовната дејност. Напротив, со последните настани се констатира дека постои тенденција на мешање на политиката во образовниот процес, а науката беше понижена, па дури и окупирана од страна на политиката. За прв пат во историјата на нашата земја се соочуваме со тортура во високото образование, што е невозможна мисија во ниедна високоразвиена демократска земја, каде се почитуваат и негуваат научните потенцијали” –смета  доц. д-р Зенделовски. Да не се запоставува научната работа за “импакт фактор”! Импакт факторот според доц. д-р Зенделовски  не смее да биде клучниот критериум кој ќе ги одредува квалитетите на професорот  бидејќи преку него не се проценува ниту трудот,  ниту авторот. Дополнително,постојат низа недоследности кај импакт факторот,  како времето на објавување на трудот, спорото објавување, научниците губат време каде ќе се објави трудот, се фокусираат на списание со голем фактор. “Многумина наши и странски експерти констатираат дека станува збор за комерцијализирани бази на академски списанија зад кои не стојат меѓународни научни тела или академски заедници кои би им дале легитимитет за квалитетот. За овие бази поважни се финансиските средства отколку тежината на научните трудови. Сметам дека професорската фела не стравува од импакт факторот, туку од начинот на кој се наметнува во законската регулатива. Од друга страна прашањето е зошто помалку се вреднуваат учебниците и монографиите од 200-300 страници на кои е потрошена работа од 2-3 години, во споредба со научен труд со импакт фактор од 10 страници на кој сте вложиле работа од 3-6 месеци? “–вели доц.д-р Зенделовски. Дополнително, и според неговите колеги и според научната јавност, зад него стојат сериозни дела и трудови  од областа на одбраната. Едно од нив е и “Глобализација, мирот и безбедноста” во кои е вложено  научно  истражување и   долгогодишен труд,  а се користи во  неговата научна област. Со новиот предлог Закон за високо образование кој е во собраниска процедура и кој предвидува воведување на државен испит, научни трудови за професорите во реномирани списанија со импакт фактор, како и казнени одредби за раководствата на факултетите, според професорите се руши Универзитетската автономија која е неприкосновена и уставно загарантирана. Сепак, речиси и после три месеци  на незадоволство од страна на студентите и професорите, власта,  според него,  не наоѓа  начин за решавање на проблемите во високото образование. Напротив, вели, таа  допринесува   за мултипликација на проблемите и маргинализација на академската заедница. И покрај тоа што во изминатиов период професорите и студентите барале да бидат  слушнати како учесници во дебати и јавни расправи за подобрување на законската легислатива,  за жал, додава,   нема разбирање за нивните мислења и ставови. Професорите и студентите не стравуваат од дебата! Со предлог законот кој е во собраниска процедура, професорите и студентите се ставени пред завршен чин во однапред испланирано сценарио. Во суштина, нагласува, доц. д-р Зенделовски, професорите и студентите не стравуваат од реформи во високото образование. Промените вели тој,  се добродојдени, но само ако постои компромис за круцијалните содржини. “Сите посакуваме да се применат западните образовни вредности, нивните наставни програми, каков што е примерот со скандинавските земји, но дали прифаќањето или копијата на нивниот образовен систем ќе даде резултати во нашето опкружување и со нашите можности. Неспоредливо е од многу аспекти, а пред се во делот на социо-економските аспекти и огромните издвојувања од БДП за научни цели. Нашите милиони евра се неспоредливи со нивните неколку милијарди евра! Тоа е само еден од поважните аспекти, каде што неможе да се синхронизираме со европските земји, особено не кога станува збор за трка на кратки патеки како што е нашиот случај. Неможе до вчера да сте јавале на магаре,  а денес да возите болид на формула 1! За хармонизација е потребен долгорочен процес, од повеќе години, а не само неколку дена. Замислете што би случило доколку се прифати јапонскиот образовен систем во американското општество или обратно!?” -потенцира доц.д-р Горан Зенделовски. Хиперпродукција на неквалитетни кадри! Кој ја дозволи?!    Проблемот во високото образование според него е  многу посериозен, бидејќи обидите да се либерализира пазарот и да се биде конкурентен придонесоа за дизбаланс на високото образование.  Во изминативе неколку години, вели,  се отворија бројни универзитети и дисперзирани факултети кои не само што не го подобрија квалитетот на високото образование туку го стагнираа неговиот развој. “Проектот во секој град факултет или отварање на факултети за само неколку студенти се покажа неуспешен, гледано од финансиски и кадровски аспект. Хиперпродукцијата на неквалитетни кадри се покажа дека е неподобна за бизнис заедницата и потребите на пазарот. За оваа состојба не се виновни професорите,  а уште помалку студентите. Затоа е потребно целосна реконструкција на високообразовниот систем,  а тоа значи и можност за донесување на нов закон за високо образование во кој ќе се опфати реалната состојба и можностите на нашата земја”-вели доц. д-р Зенделовски. Заедничко решение кое ќе биде во корист на засегнатите страни,  според него е единствениот начин на делување. Тоа вели,  треба да подразбира по секоја цена  да се избегне нарушување на автономијата на универзитетот и истиот да не се претвори во политичко тело. Ниту една власт, смета Зенделовски,  не посакува сценарио во кое професорите и студентите се прикажани како закана за државата или се промовирани во мас медиумите како партиски активисти или како државни непријатели. Посакувам, завршува, доц. д-р Горан  Зенделовски, интересите на науката да бидат застапувани од оние кои се определиле за наука,  а не за политика. С.Б.
Слично

Поврзани вести