Горан Теменугов, Алсат М: Не е крај на светот да немаме Буџет, но простор за договор треба да има!
Во исклучително исполитизирано општество, нема основа за рационално размислување. Се е црно – бело. Така и за Буџетот за 2013. Сепак, ако се гледа чисто економски, ваква борба одамна беше потребна, уште за Буџетот за 2009 година.
Сепак, во воздухот лебди она, дека ова е обид на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за да остане на лидерската позиција во својата партија, секако преку дневно политичко дејствување во Собранието и внесување на хаос во неговото функционирање. Оваа акција на СДСМ, која е легитимна исто колку и ставот на Владата за донесување на Буџетот, ќе беше поприфатлива ако ја спроведеше реформиран СДСМ, со новите „дечки“ во неа.
Нејсе, за аргументите: Не е крај на Светот ако немаме буџет. Не крај на Светот и ако ВМРО – ДПМНЕ прифати голем број на амандмани на СДСМ и покаже државотворност, а не најнизок популизам. Не е крај, ако конечно буџетот се разгледа ставка по ставка и се донесе консензус за негово усвојување, поточно да се пружат нозете колку што е реално чергата. Не е крај на Светот ако и СДСМ разбере дека сепак одговорна за буџетот е Владата. Крајот за НАС сите дојде кога престана демократската борба во државата.
Кога престана расправата и почнаа уличните протести и секако скандалозните контра – протести. Тука е крајот на се што е нормално.
Горан Теменугов, Алсат М
Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.
Слично
