Горан Рафајловски со предлог како да се намали администрацијата
Професорот Горан Рафајловски, консултант, стопанственик и повеќе години на раководни коморски функции, за Независен тврди дека спас за македонската економија и за придонесите во фондовите е Владата со кредити од странство да им понуди тригодишни плати на оние кои претставуваат одвишок во администрацијата, која така ќе се намали и нема да подлежи повеќе на партизирање.
- Мој предлог е од позајмените пари, кои можеме да ги земеме како држава и ќе ни ги дадат без проблем, да се одвојат 800 милиони евра, со кои 30-40.000 луѓе во администрацијата би добиле три годишни плати и би ја напуштиле државната служба. Верувам дека тие луѓе доброволно ќе се најдат. Некој ќе побара друга работа, а некој ќе почувствува претприемачки дух и ќе почне сопствен бизнис, бидејќи и државата ќе му овозможи кредит со ниска стапка. Ако платата е 400 евра, тоа се 15.000 евра кои може да му бидат старт. Така бргу ќе ја ослободиме Македонија од огромната дупка во придонесите, бидејќи администрацијата ги плаќа придонесите, ама тие одат од буџет во буџет и се минус во пензискиот фонд - вели Рафајловски.
