Горан Мицковски нов министер за странски инвестиции, ќе помогне ли да се привлечат инвеститори?
Уште едно изненадување од странство. Горан Мицковски ќе биде новиот министер за странски инвестиции, објави Алфа. Тој на новата функција доаѓа од Лондон каде во моментов е ангажиран во Credit Suisse AG како консултант за инвестициско банкарство и стратегиски трансакции. Претходно работел во Sidley Austin LLP, The Royal bank of Scotland и уште неколку британски и автралиски банки, напиша телевизијата.
Како и неговите претходници, кои во најголем дел живееја во странство и имаа дипломи од повеќе универзитети, така и Мицковски, има дипломи од правниот факултет во Скопје и од Универзитетот во Мелбурн, Австралија, каде и магистрирал финансиско право. Има македонско, британско и автралиско државјaнство.
По Глигор Ташковиќ, Веле Самак, Бил Павлески, Виктор Мизо Мицковски е уште еден Македонец од дијаспората кој ќе биде ангажиран во кабинетот на Груевски.
Од Владата тврдат дека тоа е добра формула за привлекување инвестиции, бидејќи станува збор за луѓе со големи познавања во сите области и големи познанства.
Инаку, последните години нивото на странските инвестиции опаѓаше што се должи и на светската финансиска криза. Од 2007 та наваму најуспешна година за инвестиции беше 2007 со 506 милиони евра привлечени инвестиции, а најслаба 2012 та со 72 милиони евра.
Минатата година во државата влегле странски инвестиции во вкупна вредност од 251,1 милион евра, објави Народната банка на Македонија.
Според податоците на Народната банка во 2008 вкупниот прилив на странски инвестиции изнесувал 399,9 милиони евра, во 2009 година 145 милиони евра. Потоа овој тренд на помал прилив на странски инвестиции продолжи и во 2009 година кога беа регистрирани инвестиции од 160 милиони евра, а во 2011 година странските инвестиции достигнаа 336,8 милиони евра.
Слично
