ГОРАН МАЛИШИЌ ОД МЕЛНИЧКАТА ИНДУСТРИЈА: Ќе имаме стабилни цени на лебот и брашното во 2023 година
Граѓаните во 2023
година може да очекуваат стабилни цени на брашното и лебот, велат мелничарите. Тоа,
нагласуваат, е последица, пред се, од донесувањето на владината Одлука со која
на компаниите им се овозможи да плаќаат струја по 80 евра за мегават час.
Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, Горан Малишиќ, за МИА вели дека во изминативе денови, цените на берзите и се намалуваат и се зголемуваат, но генерално, се движат во истите рамки.
-Тоа ни дава за право да сметаме на стабилен период до следната жетва, и поради тој факт, стабилен период на цените на суровините, со што последнично нема да предизвика зголемување на малопродажните цени. Како што и се гледа во малопродажните објекти, цените на брашното и основниот леб се намалени од 5 до 10 отсто, во зависност од компанијата производител, нагласува претседателот на Групацијата.
Се очекува по март цените на пченицата да одат во надолна линија со што се создаваат услови и за нормализирање на цените.
