Економија, финансии, бизнис

Контакт

Горан Јанев: Kарикатура од Закон што ќе ја осакати академската дејност!

Горан Јанев: Kарикатура од Закон што ќе ја осакати академската дејност!
Иако новиот Закон за високо образование го помина собранискиот филтер и беше изгласан со мнозинство гласови на владејачките партии, за Професорскиот пленум сеуште се спорни неговите постулати кои, според нив,  ја урнисуваат академската автономија, односно правото на самоуправување. Новото законско решение, според академската заедница е наметнато решение кое пред се се базира на паушални проценки за неквалитет на високото образование и превземање од страна на државата на улогата на наставникот да ја процени подготвеноста на студентот. Горан Јанев од Професорскиот пленум, за Фактор, вели дека структурните проблеми во високото образование, далеку ја надминуваат идеалната рамка за остварување врвни резултати. Затоа, додава, пред да се постават критериуми, мора прво да  се обезбедат  услови. “Каков закон добиваме кој ги прескокна предвидените процедури и сем медиумските спинови за фингирана дебата со некакво контра-протестно тело изостана било каква консултација со засегнатите страни е повеќе од јасно. Она што е нејасно е како конечно изгледа овој закон бидејќи од медиумите во последен момент дознаваме за некои прифатени предлози. Би било вон памет да се оспори потребата од зголемена ефикасност на расположивиот наставно-научен кадар. Секому му е јасно дека перформансите, акумулативно, не се врвни, но при таква констатација тоа не е доволно за да склопите казнени одредби и да се надевате дека тоа ќе донесе подобрени резултати. Не можете да му наредите некому да ископа бунар и да не му дадете лопата или да му дадете само дршка од лопата и да го казните затоа што не ја завршил работата”-вели професорот Јанев. Според него, објавувањето на научни трудови во меѓународни списанија со импакт фактор кои ќе бидат регулирани со закон од власта,  е прашање  кое треба сериозно да се анализира, од тоа колку државата инвестира во научно-истражувачката дејност до тоа што всушност значи објавување на научен труд.Оттука, вели,  кога веќе се менуваат правилата на игра, мора прво да се обезбедат минимални, ако не оптимални или идеални услови за обавување на дејноста, а потоа да се бараат перформанси. “Немаме пристап до ниту едно од тие списанија преку претплата, а се бара таму да објавуваме. Важи, но прво обезбедете ги условите. Како криминалци крадеме лозинки за пристап до туѓи универзитетски библиотеки по светов преку колеги од странство. Како криминалци симнуваме книги од пиратски извори на интернет. Како бедници спиеме по хостели и по гости кај пријатели кога одиме по меѓународни конференции кои ги плаќаме од сопствениот џеб крадејќи им од уста на сопствените деца. Зошто се молчело досега за ова од страна на повеќето колеги е крупно прашање исто така. Конечно, нејасно е како досега, со години наназад, молчеа студентите кои ги трпеа мизерните услови за настава, без нова стручна литература, со трошни нагледни средства и конечно со сместување по одвратни валкани домови. Но, токму тие го прекинаа молкот, токму тие се покажаа како најобучени и најподготвени за самоорганизирање, демократско одлучување, здраво резонирање и конечно, креативно и симпатично бунтување”-потенцира Горан Јанев од Професорскиот пленум. Професорите формираат работни групи-борбата за автономија почнува! Од Професорскиот Пленум велат дека со индигнација ќе ги отфрлат личните  прозивања и етикетирања и ќе продолжат,  уште посилно и поаргументирано да се борат за овозможување нормално и слободно работење на академската заедница, која е единствената сила која може да ја поведе земјата во преродба.Тие ќе ги  мобилизираат сите можни инструменти за спречување на реализација на овој според нив,  нецивилизациски упад во академската автономија. Досегашната пракса на намерно мизерно и субстандардно финансирање на универзитетите и научните установи, смета професорот Јанев од Пленумот,  е долготрајно и може да се оцени како системско унакажување на академската заедница со цел да се спречи академската слобода и академската автономија. Па,  вели: Наместо признание и барање прошка за грешките и консултирање за заедничко барање на излез,  сведочиме на безобразно дискредитирање и омаловажување на сите оние кои овој закон го сметаат за погрешен. “Моменталната погрешна перцепција кај јавноста е дека битката е загубена. Но оваа битка Професорскиот пленум знаеше дека не може да ја добие. Борбата за автономија допрва започнува. Продолжуваме со институционална борба која ќе ја оспори правосилноста на овој закон во земјата, преку механизми и инструменти кои ни се н а располагање. Моментално се формираат повеќе работни групи за аналитика кои ќе изготват низа извештаи за постојната состојба кај нас, споредбени анализи со други земји, дали има усогласеност со меѓународно прифатените стандарди и заложби. Ќе следи понатамошна интернационализација на проблемот кај соодветните академски асоцијации и тела за заштита на академската автономија како Европската Универзитетска Унија, Набљудувачот на Магна Карта Университатум, Европската асоцијација за осигурување на квалитетно високо образование, УНЕСКО, и многу други. Не живееме на друга планета ниту во Северна Кореа”-нагласува професорот  Јанев. Позитивен и инвентивен бојкот на наставата! Од Пленумот  не ја исклучија можноста за бојкот, но на еден поинаков начин,  за да им покажат  на надлежните дека е невозможно со заокружување да се добие квалитет и да се оцени знаењето. “Една од работните групи на Професорскиот Пленум е креативната работна група која подготвува разни сценарија за изведување на настава која ќе докаже дека огромна низа предмети не може и не смее да се сведе на заокружување еден точен одговор. Бидејќи струката за која се подготвуваат студентите е креативна, инвентивна дејност која бара оспособување на кадар за иновативни решенија кои подразбираат вклучување на мноштво интелектуални капацитети, а не просто меморирање на мртви факти и дека оценката се формира преку низа опсервации и интеракција помеѓу наставникот и студентот и на основа на повеќе индикатори за ангажманот, влогот и интересот на студентот, а не само преку учење напамет. А да имавме синдикат, како што многу академски установи го немаат, ќе можевме и да одиме на генерален штрајк, ама ете се учиме демократија”-објаснува  проф.Јанев. Овој закон, додава,  не одалечува од сите современи трендови на развој на високото образование и Болоњскиот процес. Ваков закон кој ја вметнува државата во сите академски институции и на сите нивоа, според него,  е во директна колизија со стекнатите и прифатените стандарди за евалуација и проверка на квалитетот на високото образование, така што последиците би биле  крајно непогодни за законодавецот и извршителот на  законот. “Болоњскиот процес  кон којшто килаво се приклучуваме би требало да води кон заедничка европска високообразовна зона, а Европа не познава вакво грубо државно вмешување во работата на академијата. Болоњската декларација се заснива на академска автономија, тоа е цивилизациско достигнување и тој факт нашиве властодршци допрва ќе треба да го осознаат и научат. Кредит системот и механизмите за размена на студенти подразбираат дека припаѓате на заедничката Европска Област на Високото Образование. На одборите за евалуација им треба акредитација од Европската асоцијација за осигурување на квалитетот во високото образование. Сигурно нема да се насмејат кога ќе видат дека државата ги одредува членовите на тој одбор и се под нејзина контрола”-нагласува проф. Горан Јанев. Реални проблеми: мизерни плати и работни услови! Од Пленумот најавуваат детални анализи и проценки за потребните финансии и работни часови за реализација на државниот испит. Тие  велат,  ќе понудат  решение во рамките на тие средства кои оваа Влада е подготвена да ги одвои за контролирање, да ги издвои за креативно работење и професионално усовршување и подобрување на условите за научна работа и настава. Бидејќи досега, според нив,  наместо градење на инфраструктурни и човечки ресурси кои ќе го подигнат нивото на квалитет во високо обраозовниот процес, научните работници, велат,  се сведоа на самоиницијативно вложување и гол  ентузијазам. Затоа сметаат дека веднаш по Професорскиот пленум никна Контрапленум чија цел остана докрај неаргументирана, во одбрана на сопствениот и владеачкиот комодитетот. “Не би требало да имаме колеги кои при здрава свест се подготвени да прифатат државен испит за знаењето на нивните студенти. Ама кај нас се може. Може луѓе да си ја бараат корката леб во Кочани или Кичево како универзитетски средини, ама тоа укажува на очајот во кој се наоѓа академската заедница со мизерните плати и работни услови со кои мора да се справува секојдневно. Нема лутење, секој според својата свест и совест. Професорскиот Пленум ми се чини сега собра околу себе една извонредна екипа на умни и разумни, учени и научени, креативни и работливи луѓе кои сплотени зад заедничката идеа за подобрување на квалитетот на високото образование ќе подготви анализи и решенија кои се далеку пологични, попринципиелни, поиздржани, поостварливи и пореални од понудената карикатура од закон кој предвидува непотребни трошоци, а продолжува да ја осакатува академската дејност со необезбедување никакви услови за работа”-смета проф.Горан Јанев. Честото менување на законите, според него, само укажува дека постојано се избрзани и дека несериозни и неодговорни лица си поигруваат со судбините на своите сограѓани кои ги третираат како свои поданици. “Незнам зошто  до сега молчеше македонската академска заедница, и тоа останува проблематично, но сега истуркани во агол сакале не сакале, ќе почнеме да се бориме за своите права, солидарно, здружно, масовно и решително. Самото формирање на Професорскиот Пленум е огромен чекор напред и резултатите од таквото окрупнување на критичката слободоумна маса допрва ќе следат” –вели Јанев од Професорскиот пленум. Честото менување на закони, резимира,  е индикатор за незрел систем кој не знае како да ги одреди приоритетите и да ги отстрани извориштата на проблемите,создава клима на несигурност и непостојаност,  во која оној што си ги менува законите како ќе му текне, утре може  да донесе уште полоши решенија. С.Б.
Слично

Поврзани вести