Големо зголемување на платите на инспекторите в година, кај четири служби ќе има по 200 евра плус
Предлог-буџетот за 2022 кој влезе во Собранието ги исфрли на површина проектираните бруто плати
на инспекторите во земјата за следната година. Како што веќе најави министерот
за финансии Фатмир Бесими, следната година ќе има зголемување на платите во
сите инспекторати, а во некои од нив тоа ќе биде „радикално“. Бесими
рече дека е предвидено покачување на платите на инспекциските служби за 10
отсто, а ова се прави согласно закон според кој ова е трето зголемување, трета
година по ред.
Во Инспекторатот за употреба на јазиците, кој функционира трета година, има најдрастично зголемување. Просечната бруто-плата на 17-те вработени се зголемува од 35,5 на 52,6 илјади денари. Кај Државниот инспекторат за животна средина има значително намалување на вкупниот буџет, но тоа не значи дека ќе трпат платите - напротив, тие ќе пораснат вкупно од 52,5 на 65,37 илјади во просек. Државниот управен инспекторат исто така „ќе се омрси“. Таму редовно се зголемуваат платите, но овој пат „квантниот скок“ е од 48.148 на 60.543 денари. Во Државниот инспекторат за транспорт ќе има големо зголемување на платите од 46 на 56,15 илјади
Во Инспекцискиот совет бруто платите ќе се зголемат од 67.000 на 70,5 илјади денари, но она што е поважно е дека буџетот со кој ќе располага оваа институција се зголемува од 50 на 86 милиони денари. Како илустрација, буџетот во 2020 и годините претходно се движел околу 18 милиони денари. Во Државниот инспекторат за труд има 214 вработени, а просечната плата од 42.000 денари ќе се зголеми за 4,5 илјади денари.
Во Државниот девизен инспекторат има 10 вработени, а на нив платата од 45,5 илјади денари бруто во 2021 ќе им се зголеми на 53 илјади во 2022. Најголемиот инспекторат во земјата - Државниот пазарен инспекторат, следната година ќе има помал вкупен буџет, но платите на 282 вработени ќе се зголемат од 44,5 на 47,2 илјади денари.
Државниот инспекторат за техничка инспекција ќе има зголемување на бруто месечните примања од 50 на 55 илјади денари. Зголемување од само 3,6 илјади денари ќе има и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам кој барем до сега не се прослави којзнае колку во своето работење.
Во последните години на Државниот комунален инспекторат редовно им се зголемува платата, а следната година ќе има „скок“ од повеќе од осум илјади денари. За две години разликата се движи од 43,74 на 70,75 за 11 вработени. Во Државниот инспекторат за шумарство и ловство ќе има раст за безмалку 4,5 илјади денари. Таму просекот ќе биде 56,25 илјади денари.
Зголемување на платите практично ќе нема единствено во Државниот инспекторат за земјоделство, каде што таа останува околу 51.000 за 164 вработени. Во Државниот просветен инспекторат има 110 приматели на бруто плата, кој ќе им се зголеми за нешто повеќе од три илјади денари, слично како и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Ориентациски толку ќе биде и за инспекторатот за локална самоуправа, кој деновиве е актуелен по тоа што ја контролира примената на уставното име во Советите на општините.
А.К.
