Економија, финансии, бизнис

Контакт

Големиот подвиг на малата банка! Како ЦКБ го зголеми профитот за 2,6 пати?

Големиот подвиг на малата банка! Како ЦКБ го зголеми профитот за 2,6 пати?

Благодарение на помалите издвојувања за резервации на кредитни пласмани малата банка успеа да книжи добивка од половина милион евра што е одличен резултат во острата конкуренција особено на пазарниот сегмент за кој си конкурираат малите и средните банки

Централна кооперативна банка (ЦКБ), која е една од четирите најмали банки на нашиот пазар, успеа да ја зголеми добивката за 2,6 пати и направи профит од половина милион евра за девет месеци годинава.

Анализата на билансот на успех покажува дека во најголема мерка зголемената добивка е резултат на значајно пониските трошоци за резервации за кредитни пласмани во споредба со истиот период лани. И при тоа банката успеала да ја одржи својата пазарна позиција од кредитирањето, а ги зголемила нето приходите од провизии и надоместоци.

Најголема приходна ставка, како и кај целиот банкарски сектор, се нето приходите од камати кои изнесуваат 3,4 милиони евра што е за нијанса послабо од истиот период лани.

Од нето приходи од провизии и надоместоци банката овие девет месеци инкасирала 1,3 милиони евра што е за 187.000 евра подобар резултат од истиот период во 2021 година.

Клучниот катализатор на зголемената добивка е разликата од 248.000 евра кои во споредба со истиот период лани банката ги заштедила на резервации за кредити.

Токму од овие две ставки банката ја прави круцијалната разлика со која добивката се зголемува за околу 300.000 евра и достигнува половина милион евра за првите девет месеци годинава.

Во оваа прилика вреди да се истакнат и значајните растови на приходите од курсни разлики и од останати приходи од дејноста кои, иако се помали ставки, дадоа свој придонес во нето добивката на банката.

Од билансот на состојба се гледа дека нема значајни поместувања кај кредитните пласмани. Нивното ниво на крај на септември изнесува 121,85 милиони евра или за 2,9 милиони евра повеќе од крајот на минатата година.

Пласманите во државни обврзници и други хартии од вредност се на ниво од 22,85 милиони евра и се за 3 милиони евра пониски од пред 9 месеци.

Благо намалување има и кај депозитите кои ги чува банката на своите коминтенти (со исклучок на банките н.з.). Тие изнесуваат 151,8 милиони евра и се за 6 милиони пониски во споредба со состојбата на крајот од 2021 година.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести