Големи антитерористички операции ги тресат Италија и Турција
28 лица беа приведени во антитерористички операции во Турција и Италија.
Турската полиција уапсила 11 осомничени во операции, поддржани со хеликоптер, против терористите од „Исламска држава“ во Истанбул, забележува локалниот медиум „Анадолија“.
Операциите се извршени само неколку дена пред средбата на Г-20 во земјата.
Антитерористичките активности се дел од серија на операциите против осомничени терористи во Турција, каде мерките за безбедност се стегнати поради самитот викендов.
Минатата недела полицијата уапси 20 лица поврзани со „Исламска држава“, во јужната провинција Анталија, каде ќе се одржи Г-20 од 15 до 16 ноември.
„Анадолија“ забележува дека се проверени повеќе од 20 луѓе во различни населби во Истанбул. Помеѓу уапсените има седум странци.
Медиумот додава дека операцијата продолжува и може да бидат уапсени уште луѓе.
Во исто време италијанските сили за безбедност соопштија дека 17 лица од различни европски земји се уапсени во операција против осомничените членови на терористичка организација. Во соопштението се додава дека тие се осомничени за „меѓународен тероризам“. Помеѓу уапсените нема Италијанци.
