Големата мечка во хотелиерството почна да се буди
„Македонијатурист“ ќе им ја врати надежта на акционерите. Нејзината оперативнва добивка, нето добивка и приходи од продажба лани се повисоки од преклани. Тоа е далеку од тоа што може овој хотелски гигант да го оствари со оглед на своите капацитети и реноме, но е добро затоа што личи на будење од зимскиот сон. Нејзините финансиски приходи лани се повеќе од пола милион евра и се за 24 отсто пониски од 2017 година, а компанијата во депозити и акции чува околу 18 милиони евра
Најголемата македонска хотелиерско-угостителска компанија „Македонијатурист“ лани изработи поуспешно од 2017 година и книжи раст на приходите и на нето добивката, покажуваат податоците од финансиски извештаи за 2018 година. „Македонијатурист“ лани од своите хотели остварила приходи од 5,26 милиони евра и тоа е за 5 отсто повеќе од 2017 година или 259.000 евра. Вкупните приходи на компанијата за лани се 5,59 милиони евра. Лани компанијата остварила нето добивка од 1,82 милиони евра. Тоа е за 34.400 евра повеќе од 2017 година односно за 2 отсто подобро од лани. Добивката по акција е 4 евра односно 247 денари за акција.
Оперативната добивка на компанијата е 1,45 милиони евра и во споредба со 2017 година е поголема за 15 отсто, што секако дека е вест што ќе ги охрабри акционерите на најголемата скопска хотелиерска компанија.
Значаен пад има кај финансиските приходи на компанијата. Имено лани тие изнесувале 534.000 евра и се за 24 отсто пониски од финансиските приходи во 2017 година кога биле 722.800 евра. Познато е дека „Македонијатурист“ има значајна сума финансиски средства во депозити и во хартии од вредност и од нив се финансиските приходи кои компанијата ги остварува во континуитет. Од билансот на состојба е евидентно дека износот на краткорочни вложувања лани во однос на 2017 година е за 14 отсто понизок. На крајот на ланската година нивната вредност била 17,9 милиони евра и е за 3 милиони евра пониска од претходната 2017 година.
„Македонијатурист“ останува компанија што нема обврски по кредити. Нејзините краткорочни обврски на крај на 2018 година се 600.000 евра, а тоа е воедно и износот на нејзините вкупни обврски. Тоа е атрибут што ја прави таа акција многу посакувана кај инвеститорите на Македонската берза.
Р.Ф.
