ГОЛЕМА РАЗЛИКА: Месечна кирија од 9 до 40 евра за квадрат
Во Скопје има канцелариски простор со вкупна корисна површина од 155.000 квадратни метри и уште 99.000 квадрати деловен простор наменет за дуќани и малопродажни објекти. Закупнината за канцеларии се движи во опсег од 7 до 16 евра за квадрат месечно, а за продавници од 9 па до 40 евра за квадрат во зависност од атрактивноста на локацијата и квалитетот на објектот. Ова го покажува извештајот за пазарот на недвижнини во македонската метропола направен од компанијата ЦБРЕ, една од најголемите фирми во светот за комерцијални услуги во недвижнините и инвестиции.
Во вкупната квадратура за канцелариски деловен простор се опфатени објекти од класа А и Б, без разлика дали се издадени под закуп или се користат од сопственикот. Учеството на канцеларискиот простор од висока класа изнесува 40 отсто, односно 60.000 метри квадратни, а 45.000 метри квадратни од оваа површина се изградени за шпекулативни цели, односно за да бидат изнајмени на трети лица.
Незрел пазар
- Пазарот за деловен простор во Скопје може да се окарактеризира како незрел поради ограничениот број модерни згради со канцеларии. Мудар избор за локација на компанииските деловни простори се неколку модерни канцелариски згради поставени воглавно во бизнис- областите во центарот на градот. Може да се очекува благ пораст на вкупната расположива површина за изнајмување ако се земе во предвид дека од неодамна на пазарот е забележан тренд на преобразување на станбен или малопродажен простор во деловен простор- велат во агенцијата ЦБРЕ.
За канцелариски простор од највисока класа Скопје се бара закупнина во опсег од 9 до 16 евра за метар квадратен месечно. Во споредба со претходниот квартал, е забележано мало намалување на закупнината за канцеларии од пониската класа и во моментов за нив се бараат помеѓу 7 евра и 13 евра по квадратен метар месечно. Што се однесува на појава на нов деловен простор за изнајмување, велат во агенцијата, во фаза на изградба се само неколку мали проекти на згради од Б класа, чие завршување се очекува во наредниот период.
Најбарани трговските центри
Киријата за дуќан во трговски центар во Скопје се движи од 12 до 40 евра за квадрат месечно, а за на атрактивна локација на главна улица варира од 15 евра до 30 евра во зависност од локацијата и квалитетот на деловниот простор. Според тоа, за дуќан со површина до 150 квадратни метри во строгиот центар на градот се бара месечна наемнина до 40 евра за квадрат. За дуќан со иста големината, киријата во Аеродром изнесува од 9 до 15 евра за квадрат, а во Карпош цената се движи од 10 до 23 евра за квадратен метар. Според ова, вкупната месечна наемнина за деловен простор од 150 квадрати на улица Македонија или во трговски центар од типот на Скопје сити мол изнесува до 6.000 евра.
Во агенциите за недвижности велат дека на пазарот за деловен простор наменет за продавници и трговски објекти најбарани се покриените трговски центри од западен стил, кои учествуваат со 62 отсто во вкупните закупнини, потоа следуваат реонските трговски центри со 31 отсто, а на крај се маалските продавници со учество од 7 отсто.
Извештајот на ЦБРЕ покажува дека во 2016 година вкупната расположива површина на модерни трговски центри во земјава не е проширена за ниту еден нов квадрат и таа изнесува 90.000 метри квадратни, односно по 178 квадрати на 1.000 жители. Исто така, според нивната класификација, во поглед на понудата на малопродажен деловен простор, само неколку трговски центри може да се сметаат за модерни, како што се Скопје сити мол, трговскиот центар Рамстор, Веро центар и Капитол мол.
(М.Б.)
