ГОЛЕМ СКАНДАЛ СО ПРИСЛУШУВАЊЕ ВО БУГАРИЈА - службите го слушале и сегашниот премиер Јанев, тој најави смена на двјца началници
Привремениот бугарски премиер Стефан Јанев синоќа изјави дека бара начин за смена на двајцата началници на специјалните служби по скандалот со прислушуваните опозициски политичари, јави дописникот на МИА од Софија.
„Постои постапка, но ќе се побара опција за нивно отстранување и ставање на ново раководство и започнување на овие служби да работат во интерес на граѓаните, во интерес на државата, а не во туѓи интереси, какви и да се“, посочи Јанев.
Партијата Демократска Бугарија објави дека 32 политичари, вклучително и носители на листи на изборите на 4 април, биле прислушувани и следени.
Обвинителството на градот Софија вчера нареди да се спроведе истрага поради наводите за прислушување на политичари.
Новиот бугарски министер за внатрешни работи, Бојко Рашов, рече дека некои политичари, вклучувајќи го и новиот премиер Стефан Јанев, биле прислушувани пред парламентарните избори на 4 април.
Тие биле прислушувани од Службата за национална безбедност и Службата за техничко средство.
Новиот премиер е советник на претседателот Румен Радев за безбедносни прашања.
Според Рашков, има и информација дека службите ги уништиле материјалите.
Копретседателот на парламентарната опозициска коалиција „Демократска Бугарија“, Атанас Атанасов, му се обратил на министерот за внатрешни работи со барање да ги провери информациите за прислушувањето на бугарските политичари. Според него, станува збор за 32 високи политичари и партиски лидери. Атанасов не објаснил како дошол до оваа информација.
Државната служба за национална безбедност и Обвинителството на Софија соопштија дека во моментов работат на проверка на информациите.
Претходно министерот за внатрешни работи изрази незадоволство од работата на разузнавачката служба. На почетокот на неделава тој објави дека раководителите на Државната служба за национална безбедност и Државната служба за технички средства земале одмор до есен и дека игнорирале состанокот со новиот премиер Стефан Јанев.
