Економија, финансии, бизнис

Контакт

Голем грчки играч влегува на македонскиот пазар со трговија со струја

Голем грчки играч влегува на македонскиот пазар со трговија со струја

Грчко-италијанската компанија за трговија со струја „Елпедисон“, која врти преку 600 милиони евра годишно, има намера да ја засили и да ја стабилизира конкуренцијата во Македонија со продажба на електрична енергија. Компанијата која е најголем независен производител во Грција, минатата година ја заврши со приход од 685 милиони евра и добивка од 15 милиони евра. 

Во Македонија веќе има регистрирана дејност во период кога трговците со електрична енергија поради дебалансот на трошоците на производство и очекуваните приходи ги зголемуваат цените на светската берза. Компанијата е во половична сопственост на Хеленик Петролеум и на италијанскиот Едисон, а најголемото количество го произведува од гасните централи во Грција.

Трговците и снабдувачите на електрична енергија своите приходи во земјава ги остваруваат преку операторот на електропреносниот систем МЕПСО кој има обврска да набавува електрична енергија за покривање на загубите во електропреносната мрежа, но и преку увозот, остварена продажба на пазарот на билатерални договори со електрична енергија и со продажбата до крајни потрошувачи.

Во Македонија меѓу најголемите грчки компании има две кои се снабдувачи. Податоците покажуваат дека тие не поминале добро на енергетскиот пазар. „Енерџи диливери солушн“  лани остварил загуба од  3.750.000 евра, а компанијата „Грин енерџи трејдинг“  ја намалила ланската добивка за 66 проценти, со што била во плус од само 79.600 евра. Заедничките приходи во Македонија им биле 77 милиони евра.

И самите експерти очекуваат дека ќе следува период кога големите трговци ќе ги истиснат малите, затоа што предноста на нивната страна се портфолиото, банкарските гаранции и стабилните договори за снабдување со суровини. Големите играчи имаат резерви и долгогодишни договори, што ги прави сигурни играчи на пазарот.

Ако минатата година, односно во првите осум месеци од годината цената на електричната енергија за тргување беше нешто повеќе од 50 евра по мегават-час, во изминатиот период таа се зголеми за неколкукратно, тренд кој што снабдувачите на македонскиот пазар тешко можат да го следат.

Од Регулаторна комисија за енергетика велат дека македонскиот пазар е слободен за конкуренција, но за тоа прво ќе треба да се поминат постапките за издавање на лиценца, односно да се задоволатпропишаните услови.

А.К.

Слично

Поврзани вести