Годишните пензии во ЕУ од 4.479 до 34.413 евра
Според податоците од Статистичкиот завод на Европската унија (Евростат), во 2023 година просечната бруто годишна пензија во ЕУ изнесувала 17.321 евра. Тоа се 1.443 евра месечно. Во рамките на земјите-членки, годишните пензии варирале помеѓу 4.479 евра во Бугарија и 34.413 евра во Луксембург.
Гледајќи пошироко, меѓу 34 европски земји, просечните годишни пензии се движат од 3.377 евра во Турција до дури 38.031 евра во Исланд. Ова значи дека највисоката просечна пензија во Европа е повеќе од 10 пати повисока од најниската.
Четирите најголеми економии на ЕУ се исто така малку над европскиот просек. Меѓу нив, Италија има највисоки пензии, по што следат Шпанија, Франција и Германија. Она што им е заедничко на овие три земји е тоа што сите имаат големи државно финансирани пензиски системи и многу поскромни професионални системи што покриваат само одредени сектори или работодавачи. Затоа трошоците за пензиски бенефиции се многу високи, се наведува во анализата.
Пензии над европскиот просек има и во четири нордиски земји, од кои Исланд не е во ЕУ. Просечната годишна пензија е највисока во Данска - 30.543 евра, а најниска во Шведска - 22.674 евра.
Источен блок и куповна моќ
Земјите од поранешниот Источен блок генерално имаат пониски просечни пензии, но поголеми привилегии им се даваат на пензионерите, како што се бесплатно здравствено осигурување, превоз и субвенционирано домување, што го зголемува нивото на социјална заштита.
Благодарение на ваквите социјални бенефиции, квалитетот на животот на пензионерите е повисок отколку што би бил ако зависеле само од својата пензија.
Ако во пресметката се вклучат и стандардите за куповна моќ, редоследот на европската листа значително се менува.
Овие стандарди ги одразуваат реалните трошоци за живот, па, на пример, рангирањето на Шпанија и Турција значително се подобрува по корекцијата со овие паритети. Шпанија се поместува од 13-то на 4-то место, додека Турција се искачува од последното 34-то на 25-то место.
Спротивно на тоа, Швајцарија паѓа од 5-то на 15-то место, а Словачка од 27-мо на 33-то место.
Во Европската Унија, пензиите претставуваат во просек околу три петтини од приходот што некој го добивал непосредно пред пензионирањето, објаснува Танјуг.
Според ОЕЦД, линијата на сиромаштија е дефинирана како 50 проценти од средниот приход на домаќинството од вкупното население, што значи дека речиси еден од шест пензионери во ЕУ е изложен на ризик од сиромаштија, а таа стапка се зголемила од 12 проценти во 2013 година на 15,5 проценти во 2023 година.
Бонитет