Годишнина од формирањето на Единицата за специјални задачи во МВР
Во скопската касарна „Илинден“ денеска со тактично показна вежба припадниците на Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) при МВР ја одбележаа 34-годишнината од постоењето.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која присуствуваше на одбележувањето во обраќањето нагласи дека денес ЕСЗ преставува модерна формација во чиј состав влегуваат високо-обучени специјализирани тимови, подготвени за извршување на сите безбедносни задачи. Таа истакна дека тие во изминатава година покажаа дека се максимално подготвени за извршување значителен број ангажмани, а преку специјализираните тимови за спасување од ЕСЗ, МВР првпат на организиран начин партиципираше во меѓународна хуманитарно-спасувачка мисија за помош на настраданите подрачја од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.
- Припадниците на Единицата за специјални задачи се дел од оние кои беа на браникот на татковината во 2001 година кога нашата земја беше соочена со најголемата закана. Тогаш на крвавиот судир во кој беа изгубени бројни животи му претходеше обид за разорување на државните институции. Тогаш беше обелоденета аферата „Прислушување“. Петнаесет години подоцна, Република Македонија повторно е соочена со обид за напад врз институциите. Повторно се соочуваме со обид да биде заложена иднината на Република Македонија за нечиј политички интерес. Се обидуваат да не убедат дека овој најсрамен криминален акт бил дело на „патриоти“, рече Јанкулоска.
