Гоце Делчев против Али Ахмети – како ќе изгледа изборната трка за Собранието по изборни единици?
Вкупно 14 партии ги доставија своите кандидатски листи за претстојните предвремени парламентарни избори и атакуваат на места во законодавниот дом. Речиси сите нудат свои кандидати во повеќето изборни единици (вкупно 9, од кои 6 на територијата на Македонија и 3 во странство). Еве како ќе изгледа изборната борба во различни изборни единици и кои кандидати меѓусебно ќе си ги одмерат силите.
Изборна единица 1
Во првата, скопска изборна единица, листата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја предводи лидерот Никола Груевски. По него на листата е лидерката на ДОМ Лилјана Поповска, но и повеќе од досегашните министри во Владата на Груевски. Од СДСМ, листата во ИЕ1 ја предводи професорката Рената Дескоска, следена од уште една жена - досегашната советничка во Град Скопје, актерката Софија Куновска. Уште еден партиски лидер меѓу кандидатите во првата изборна единица ќе биде лидерот на Алијансата за позитивна Македонија Љупчо Зиков. За ГРОМ во „кецот“ ќе трча Чедомир Саздовски, а за „Достоинство“ експертот за безбедност Благоја Марковски, а за ВМРО НП Слободан Близнаковски. Листата на ДУИ во ИЕ1 ќе ја предводи Ермира Мехмети, а на ДПА - Беким Фазлиу.
Изборна единица 2
Во втората изборна единица листата на ВМРО-ДПМНЕ, како и на претходните избори ја предводи Гордана Јанкулоска. Од СДСМ, на челната позиција во оваа изборна единица е партискиот портпарол Петре Шилегов. Интересно е што Јанкулоска пред извесно време го тужеше Шилегов за клевета и од него доби отштета од половина милион денари. За ДУИ носител на листата во „двојката“ е Реџаил Исмаили, а за ДПА Орхан Ибраими, додека за НДП Џезаир Шаќири. Носител на листата ВМРО - НП е Љупчо Балкоски, Виктор Цветковски ќе трча за ГРОМ, додека листата на Алијансата за позитивна Македонија ја предводи поранешниот премиер Владо Бучковски. На чело на листата на „Достоинство“ во оваа изборна единица е Горан Зафировски.
Изборна единица 3
Во ова изборна единица, кандидатите на СДСМ ги предводи досегашниот пратеник Марјанчо Николов, а нему директно ќе му се спротивстави листата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од досегашниот министер за здравство Никола Тодоров. За првпат во оваа изборна единица листата на ВМРО-НП ја предводи лидерот Љубчо Георгиевски. Горан Ангелов е кандидатот на „Достоинство“, а листата на Алијансата за позитивна Македонија ја предводи пензионираниот генерал Илија Николовски, кој е претседател на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, коалиционен партнер на АПМ. За ГРОМ во „тројката“ носител е Штерјо Николов. Од албанските партии, ДУИ во ИЕ3 како носител го предлагаат Беџихудин Шехаби, а ДПА - Хабиб Максути. Според најавите, во изборната трка во ИЕ3 ќе влезе и новинарот Саше Ивановски, автор на емисијата „Политико“, како носител на листата на Народното движење на Македонија.
Изборна единица 4
„Четворката“ за првпат станува интересна за борба за гласови и за една партија од албанскиот блок. ДУИ таму го предлага координаторот на досегашната пратеничка група, Неџати Јакупи, додека ДПА нема кандидати. ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ4 ја предводи досегашниот вицепремиер Зоран Ставрески, а нему ќе му се спротивстави кандидатот за градоначалник на Прилеп на последните локални избори Хари Локвенец како предводник на листата на опозицискиот СДСМ. Дане Јованов е прв на листата за Алијансата за позитивна Македонија, додека Панчо Минов ќе ја предводи листата на ГРОМ. На чело на листата на ВМРО-НП е Ристо Пецев. Надица Мурчовска е прва на листата што ја предлага „Достоинство“.
Изборна единица 5
Петтата изборна единица, која го опфаќа подрачјето на Битола и Охрид, речиси секогаш е арена за жестока политичка борба. Овојпат листата на ВМРО-ДПМНЕ ја предводи досегашниот пратеник Антонио Милошоски, кој според најавите наскоро требаше да замине за амбасадор на Македонија во Хрватска. За СДСМ на чело на листата во оваа изборна единица е претседателот на општинскиот огранок на оваа партија во Битола Васко Ковачевски. Во „петката“ ќе трча и лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов, а за Алијансата за позитивна Македонија - Игор Камбовски. На гласачкото ливче во оваа изборна единица ќе се најде и Љупчо Настоски од ГРОМ, како и Ванчо Костоски од ВМРО-НП. Свои кандидати имаат и ДУИ, чија листа ја предводи Муса Џафери, како и ДПА, која на чело на листата го предлага Зија Јонузи.
Изборна единица 6
Традиционално, шестата изборна единица е поле за најжестока пресметка меѓу партиите од албанскиот блок. Така и овојпат кандидатските листи во оваа изборна единица ги предводат лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи и на НДП Руфи Османи. Од македонскиот блок, листата на ВМРО-ДПМНЕ во „шестката“ ја предводи досегашниот министер за надворешни работи Никола Попоски, додека на СДСМ предлага листа на чело со Стојко Пауновски. За „Достоинство“ листата ќе ја предводи Гоце Делчев, Горан Анчески ќе ја бара довербата на граѓаните за ГРОМ, а Алијансата за позитивна Македонија оди со наднационално решение предлагајќи го на првата позиција во оваа изборна единица Џевџет Хаљими. Листата на ВМРО-НП ќе ја предводи Горан Лотески.
Изборна единица 7
За единственото пратеничко место во Изборната единица 7 во европските земји, ВМРО - ДПМНЕ го предлага Ристо Манчев. Опозисикиот СДСМ во оваа изборна единица оди со Гелал Абдијевиќ. Кандидат на ДПА е Шпенд Саити. ДУИ за оваа позиција го предлага Исмаил Белули. Кандидат на НДП на Руфи Османи во Европа е Енвер Османи, по потекло од гостиварско Дебреше, вработен во осигурителна компанија во Швајцарија.
Изборна единица 8
На подрачјето на Америка, за единственото пратеничко место, ВМРО-ДПМНЕ ја бара довербата за досегашниот претставник на иселениците во Парламентот Павле Саздов. Социјалдемократите типуваат на Јани Хаџи - Еленов, додека „Достоинство“ го нуди Стојадин Наумовски. ДУИ ги повикува иселениците во САД и Канада да гласаат за Тефик Абдулаи, а ДПА го предлага Ферки Бектеши.
Изборна единица 9
Според досегашните најави, најслаб е интересот за пратеничкото место во „деветката“ во Австралија, каде што досега се објавени имињата само на тројца кандидати. За СДСМ тоа е Пеце Смилевски. ВМРО-ДПМНЕ го кандидира Васко Наумоски, а ДУИ го предлага Дритон Малику.
Сите овие кандидати најдоцна во следните 48 часа треба да го поминат филтерот на Државната изборна комисија за да им се верификуваат кандидатурите, а ќе ги проверува и Комисијата за верификација на факти за да утврди дали некој од нив евентуално соработувал со тајните служби.
Билјана Арсовска
Слично
