Го потенцирав законското работење на Министерството – тврди Канческа Милевска
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска денеска по распитот во Специјалното јавно обвинителство, каде се појави како сведок рече дека Министерството за култура работело законски, а за повеќе детали ги упати медиумите во СЈО.
„Сакам да го изразам моето задоволство за поканата од страна на Специјалното јавно обвинителство, каде што имав можност да го потенцирам законското работење на Министерството за култура. Истрагата е од таен карактер, така да јас не сум овластена да давам изјави. За сѐ останато можете да се јавите во СЈО“- изјави Канческа-Милевска.
Во СЈО денеска беше и бизнисменот Орце Камчев, кој ги одмина медиумите, без да даде каква било изјава.
Засега нема информации за кои предмети се повикани Камчев и Канческа-Милевска.
Неофицијално, денеска на распит треба да се појави и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
СЈО најави интензивирање на работата во втората половина на август.
