Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ГО ЧЕКАВМЕ ПРЕТСТАВНИКОТ НА ВЛАДАТА ДА ПОТПИШЕМЕ СПОГОДБА, ТОЈ НЕ ДОЈДЕ“: Трендафилов обвини дека Владата нема интерес за зголемување на минималната плата

„ГО ЧЕКАВМЕ ПРЕТСТАВНИКОТ НА ВЛАДАТА ДА ПОТПИШЕМЕ СПОГОДБА, ТОЈ НЕ ДОЈДЕ“: Трендафилов обвини дека Владата нема интерес за зголемување на минималната плата

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска обвини дека Владата не покажала подготвеност за зголемување на платите на работниците, откако нејзин претставник не се појавил на закажаното потпишување на Спогодбата за утврдување на висината на минималната плата.

Како што изјави Трендафилов, во 9 часот во просториите на ССМ биле присутни претставници на синдикатите, но не и претставник на Владата, иако бил поканет да ја потпише спогодбата со која минималната плата од февруари 2026 година би се зголемила на 600 евра во нето-износ, а останатите плати за најмалку 6.000 денари.

Тој нагласи дека проблемот не се само минималните плати, туку и ниските плати што ги прима голем број работници, поради што, како што рече, неопходно е итно зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и покачување на минималната плата на 600 евра.

Според Трендафилов, со непојавувањето на претставникот на Владата „паднале маските“ и се потврдило дека зголемувањето на платите не е приоритет за извршната власт. Тој оцени дека изминатите денови од страна на Владата биле пласирани изјави кои, како што рече, имале за цел да создадат сомнеж кај работниците.

Во продолжение, Трендафилов се осврна и на борбата на Синдикатот на УПОЗ, посочувајќи дека речиси една година се воделе активности и протести за зголемување на платите во управата и правосудството, кои, според него, Владата претходно ги одбивала, а сега најавува дека ќе ги реализира.

Тој оцени дека е позитивно што по масовниот работнички протест бил прифатен предлогот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, но нагласи дека колективниот договор требало веднаш да биде потпишан.

Според Трендафилов, Владата и понатаму не презема конкретни чекори, иако, како што рече, денеска требало да се зголемат платите на вработените во управата за 40 проценти, но не се појавила на потпишување на спогодбите и колективните договори.

Тој предупреди дека барањата за укинување на одредбите од Општиот колективен договор за пресметка на платите би значеле намалување односно откажување од дел од платите за околу 130.000 работници во јавниот сектор, што, според неговите пресметки, би изнесувало намалување од 21,8 проценти.

Дополнително, Трендафилов истакна дека укинувањето на Општиот колективен договор би значело укинување на јубилејните награди, К-15 и додатоците на плата во повеќе сектори, како образованието, здравството, одбраната и полицијата.

На крајот, тој го постави прашањето дали Владата, наместо да ги зголеми платите, има намера да ги намали правата и примањата на работниците.


Слично

Поврзани вести