Економија, финансии, бизнис

Контакт

Глобална визија, локално време

Глобална визија, локално време

Patrick Aoun - CEO Longines и Игор Божиновски - основач на Божиновски часовници & накит за лидерството, вредностите и долгорочниот раст во премиум сегментот.

Интервју реализирано во Прага, во рамки на официјален настан на Longines, во соработка со Божиновски часовници & накит, долгогодишен партнер и официјален претставник на брендот на локалниот пазар.

Во часовничарството постои едно правило што ретко се кажува гласно: времето не се продава. Се заслужува.

Премиум бренд не се гради со кампања, туку со децении дисциплина, доверба и внимателно одбрани партнерства. Затоа во светот на швајцарските часовници вистинските разговори никогаш не се само за механизми и колекции. Тие се за вредности.

Во пресрет на Longines Trade & Press Meeting, кој на 9 и 10 март  ќе се одржи во Виена, го објавуваме разговорот помеѓу Patrick Aoun, President & CEO на Longines, и Игор Божиновски, основач на Божиновски часовници & накит и човекот кој речиси две децении ја гради културата на брендот на македонскиот пазар.

Ова не е класично интервју за часовници.

Ова е разговор за нешто многу поважно: како се гради доверба помеѓу глобална швајцарска maison и еден мал пазар што одбива да биде мал по стандарди.

Во свет што станува сè побрз, Longines и неговите партнери продолжуваат да веруваат во нешто што изгледа старомодно, но е суштинско: дека вистинското време секогаш работи за оние што мислат долгорочно.

ВРЕДНОСТИ ПРЕД БРОЈКИ

Многу лидери зборуваат за стратегии и бројки. Вие двајцата зборувате за односи, доверба и вредности. Зошто овие „немерливи“ елементи се клучни за долгорочен успех?

Patrick Aoun, CEO, Longines: Бројките се секогаш резултат, никогаш почетна точка. Долгорочниот успех доаѓа кога брендот има јасен идентитет и кога е доследен на своите вредности. Во Longines, односите секогаш доаѓаат пред бизнисот…со клиентите, со партнерите и со локалните тимови. Тие односи ни овозможуваат да останеме релевантни и автентични, без разлика на пазарот или културниот контекст. Страста и вредностите се професионален компас што нè води да размислуваме долгорочно, а не да реагираме импулсивно на трендови.

Игор Божиновски - основач на Божиновски часовници & накит

Моментот во Прага за мене беше симболичен-ново утро, нов претседател на Longines и еден „мал“ пазар како Македонија на иста маса со глобалната стратегија. Од првите минути почувствував дека Patrick не гледа само бројки и табели, туку луѓе и приказни. Тоа е и мојот јазик.

Заедничката точка беше јасна: вербата дека бренд не се гради само со маркетинг, туку со конзистентност, почит кон наследството и искрени релации со партнерите. Јас дојдов од позиција на човек кој со децении ја гради културата на часовници во Македонија, а тој од позиција на човек кој ја води глобалната филозофија на Longines, но вредностите ни беа исти. Како што и самиот рече: „Пред бизнисот се релациите.“

НАСЛЕДСТВО И ИНОВАЦИЈА

Како се балансира традицијата со современата иновација во бренд со повеќе од 190 години историја?

Patrick Aoun: Иновацијата отсекогаш била дел од ДНК-то на Longines не за да следиме трендови, туку за да останеме верни на она што нè дефинира. Низ историјата воведувавме flyback хронографи, high-frequency механизми и функционални алатки што биле од суштинско значење за своето време. Денес користиме напредни материјали како силиконски спирали и антимагнетни компоненти за да обезбедиме поголема прецизност, доверливост и издржливост. Иновацијата за нас секогаш значи траен квалитет и реална вредност.

Игор Божиновски: Часовничарството е затворен свет со свои правила. Од Македонија, најтешко беше да се докаже дека „мал пазар“ не значи компромис. Мораше да покажеме дека можеме да испорачаме ист квалитет на сервис, презентација и лојалност како и најголемите пазари.

Тоа бараше трпение, многу патувања, слушање повеќе отколку зборување и сериозни инвестиции во тим, обука и сервисен центар. Кога швајцарските партнери почнаа да ја спомнуваат Македонија како позитивен пример, знаев дека не сме повеќе „надвор“, туку дел од семејството.

ГЛОБАЛНО × ЛОКАЛНО

Колку е важна локализацијата во градењето на глобален премиум бренд?

Patrick Aoun: Постојат вредности што се универзални, како што се елеганција, доверливост и занаетчиски квалитет. Но начинот на кој тие се комуницираат и доживуваат мора да биде локално чувствителен. Со внимателно слушање на локалните тимови и партнери, можеме да направиме суптилни прилагодувања без да го нарушиме идентитетот на брендот.

Игор Божиновски: Нашата улога е да ја внесеме локалната човечност во глобалната прецизност. Кај нас клиентот не е купувач, туку гостин. Салонот не е продавница, туку простор каде се раскажуваат приказни. Клиентот го паметиме по име, по моментот за кој го купува часовникот.

Не продаваме Longines како објект, туку како симбол на лична победа, годишнина, љубов или наследство. Така швајцарската прецизност добива човечко лице.

КЛИЕНТОТ ДЕНЕС И УТРЕ

Како се менува профилот на клиентот во премиум сегментот?

Patrick Aoun: Денешниот клиент е помлад, подобро информиран и бара значење, не само лого. Транспарентноста, автентичноста и кредибилитетот се клучни. Ако брендот е доследен на својот идентитет, врската со новата генерација доаѓа природно.

Игор Божиновски:

Пред петнаесет-дваесет години клиентот доаѓаше со сон и со многу помалку информации. Денес тој ги знае колекциите, калибрите, ги споредува цените глобално. Очекува и производ и искуство, а сервисот веќе не е опција туку стандард.

Утрешниот клиент ќе биде уште почувствителен на приказна, на одржливост и на прашањето зошто брендот постои. Затоа мора да останеме технички беспрекорни, но и човечки релевантни.

ИДНИНА И ЛИДЕРСТВО

Што значи лидерство во премиум сегментот денес?

Patrick Aoun: Лидерството значи долгорочна релевантност. Не да бидеш најгласен, туку најдоследен. Автентичноста и конзистентноста се темел на одржлив раст.

Игор Божиновски: Лидерството е маратон, не спринт. Да останеш верен на вредностите и кога пазарот нуди скратени патишта. Вистински лидер не ги користи партнерите, туку ги гради. Во следните години ја гледам Македонија како пазар каде Longines ќе биде првиот избор во премиум сегментот, не само по продажба, туку по доверба.

ВРЕМЕТО КАКО ВРЕДНОСТ

Игор Божиновски: За мене времето одамна престана да биде бројка. Тоа е единствениот вистински луксуз што го имаме. Јас го мерам животот по моменти, по релации, по траги што ги оставаме зад себе.

Би сакал мојата работа да биде запаметена како мост помеѓу Македонија и големите швајцарски брендови, помеѓу прецизноста и топлината, помеѓу традицијата и иднината. Ако некој каже дека придонесов часовниците во Македонија да значат култура, а не само продукт…тогаш времето било добро инвестирано.

(Note)

Интервјуто е реализирано во соработка со Божиновски часовници & накит, чија долгорочна партнерска улога има значајно влијание во развојот и позиционирањето на Longines на локалниот пазар.

Слично

Поврзани вести