„Глобал Харвест Инишијатив“: Нема да произведуваме ГМО храна во Македонија, туку ќе му помагаме на локалното население
Правните застапници од Глобал Харвест Инишијатив од САД тврдат дека регистрираната подружница во Македонија нема да произведува генетски модифицирана храна на местото кое го добива под закуп од старана на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Дуброво, Неготино.
Иако „Фактор“ во својот текст објавен на 15 април со наслов „Владата им даде земјиште на американски компании кои произведуваат ГМО храна“ никаде не алудира на тоа дека во Македонија ќе се произведува генетски модифицирана храна, од „Глобал Харвест Инишијатив“ сметаат дека таквата објава нанела тенденциозна штета на иницијативата.
„Груба невистина и лага е дека нашата компанија ГЛОБАЛ ХАРВЕСТ ИНИШИЈАТИВ од седиште во сојузната држава Тексас од САД, е корпорација позната во агро индустријата по производство, употреба и дистрибуција на гмо семиња и пестициди“, тврдат правните застапници.
Од таму додаваат дека нивната организација, иако е истоимена, нема директна врска со „ГЛОБАЛ ХАРВЕСТ ИНИШИЈАТИВ“, платформа основана од мултинационални компании како Archer Daniels Midland, DuPont, John Deere и Monsanto, а меѓудругото и општопозната по иницијативите за употреба на биотехнологија како ГМО.
„Имено, горното сте можеле лесно да го утврдите од тековната состојба на подружницата ГЛОБАЛ ХАРВЕСТ ИНИШИЈАТИВ од САД Подружница Скопје издадена од ЦР на РСМ, од каде видно е дека истата е основана од ГЛОБАЛ ХАРВЕСТ ИНИШИЈАТИВ од САД, регистриран според законот на Државата Тексас, идентфикациски број 805466468, со седиште на ул. 6335 Окружен пат 4095. Кауфман, Тексас, поштенски код 75142 САД. Неговата подружница во Скопје е основана како непрофитна подружница согласно Законот за здруженија и фондации, со цел поттикнување на земјоделски иновации, одржливи практики и трансформативен развој, со цел зајакнување на безбедноста на храната и промовирање на економскиот раст.
Истата е во активна соработка со Здружението за поддршка и помош на социјално исклучени и сиромашни лица „Храна за сите БХМ" Скопје, преку донации и активности за собирање и дистрибуција на вишоци храна до социјално загрозени категории граѓани. Подружницата соработува и со локални хуманитарни и граѓански организации, меѓу кои и Здружението „ПОРАКА НЕГОТИНО", кое претставува организација на родители на деца со посебни потреби. Во рамки на заедничките активности, се планира развоен проект кој опфаќа инвестрање во лозовите насади за дополнителни, набавка на традиционална кука. со површина од 140 м² наменета за прием и сместување на гости, како и изградба на помошен објект (штала) со површина од 100 м² наменет за преработка на грозје и производство на вино на територијата на Општина Неготино.
Оваа инвестиција во износ од приближно 110.000 американски долари има цел зголемување на производствениот капацитет, при истовремено зачувување на автентичниот, рачно изработен и локално одржлив карактер на производите. Оттука, потребно било барем минимално да го запазите професинализмот, со тоа што ќе сте се јавеле или ќе сте ја контактирале Подружницата за да ги потврдите информациите кои сте ги објавиле (кога веќе сте ги имале нејзините контати од тековната состојба), а не да објавувате некредибилни факти и клевети од сензационалистички вид, особено што со истите инсинуирате и го клеветите мојот клиент дека форсира биотехнологија како ГМО (а што е спротивно на целите поради кои тој и неговата Подружница во РС Македонија се основани) и дека ова го потиснува традиционалното и органско производство (а за што впрочем македонската подружница и се залага).
Горното, особено и поради тоа што основачот на Подружницата е правно лице основано во САД во 2024 година и нема никаква правна, организациска или сопственичка поврзаност со фирмата Global Harvest Initiative (GHI) од Вашингтон, основана во 2009 година, а за која не знаеме дали има партнерство со останатите фирми кои ги наведувате во Вашиот текст“, додаваат од адвокатската канцеларија.
„Фактор“ се извинува доколку нанел некаква штета, која секако е ненамерна и без никакви тенденции, но наедно ги изнесува и своите аргументи согласно новинарските стандарди и принципи.
