Глигорие Гоговски ќе земе 18.200 евра дивиденда од акциите во „Тетекс“
1.293 домашни физички лица ќе поделат околу 129.000 евра дивиденда во бруто износ
„Тетекс“, најголемата и најпозната македонска компанија за конфекција, ќе подели вкупно 1,03 милиони денари (над 166.000 евра) дивиденда на своите акционери, одлучи собранието на акционери на таа компанија, вчера. Парите за дивиденда на акционерите се обезбедени од нераспределена акумулирана добивка на друштвото од минати години. Дивидендата изнесува 24 денари за акција, во бруто износ, што значи дека по одбивање на персоналец нето износ што ќе добие акционерот изнесува 21,6 денари за акција. Дивидендниот принос изнесува 3,4 отсто во споредба со послената постигната цена на таа акција на Македонската берза за хартии од вредност. Само за потсетување, „Тетекс“ и во 2012 година компанијата подели дивиденда од 33 денари за акција, а во 2011 и 2010 година дивидендата беше 4 денари за акција.
Според последните официјални податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност таа компанија има вкупно 1.349 акционери со состојба на 23 јуни 2014 година. Најголем поединечен акционер е Глигорие Гоговски, воедно и член на одборот на директори, кој има 12,14 отсто од сите акции. Според тоа неговата дивиденда во бруто износ е околу 20.200 евра. Освен него „Тетекс“ како доминантно домашна поседувана компанија има уште 1.293 акционери физички лица кои заедно поседуваат повеќе од 331.000 акции со право на глас. Што значи дека тие домашни акционери физички лица ќе поделат околу 129.000 евра дивиденда. Во акционерската структура има вкупно 26 домашни правни лица кои поседуваат 7 отсто од капиталот. Веројатно, иако не е официјална информација, најголем меѓу нив е токму „Тетекс“ кој врз основа на сопствен откуп поседува околу 5 отсто од акциите. Во таков режим тие акции се без право на глас и без право на дивиденда. „Тетекс“ има уште 9 акционери странски правни лица кои поседуваат 2,8 отсто од капиталот на компанија.
Најголемата македонска текстилна компанија „Тетекс“ бележи пад на приходите од продажба за 37 отсто (околу 500.000 евра помалку) за првите три месеци годинава во споредба со истиот квартал лани, пишува во консолидираниот биланс на успех за првиот квартал објавен на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Македонскиот текстилен гигант и бренд на пазарите на поранешна СФРЈ бележи пад на приходите од продажба и во земјава и во странство. Лани за првиот квартал тој приход бил 81,14 милиони денари, а годинава тој изнесува 50,9 милиони денари. На странскиот пазар „Тетекс“ ефектуирал 20,5 милиони денари што во споредба со лани е пад од 25 отсто, а на домашниот пазар падот на продажбата изнесува 44 отсто односно лани приходот бил 53,8 милиони денари, а годинава е 30,4 милиони денари.
Р.Ф.
Слично
