ГЛАВНОТО ДРУШТВО ЌЕ ГИ ПОКРИВА ЗАГУБИТЕ НА КОМПАНИИТЕ ВО ХОЛДИНГОТ – еве што друго содржи законското решение
Долговите и загубите на компанија која е дел од холдинг, или концерн ќе ги покрива друштвото, во случај кога загубата не се покрива од посебните резерви. Доколку зависното друштво има под закуп некој свој објект, владејачкото друштво ќе мора да ја покрие годишната загуба на зависното друштво која настанала додека трае договорот. Ова се дел од одредбите од Законот за трговски друштва, со кои се одредуваат начините на покривање на долговите на компании кои ќе се договорат да стапат во холдинг.
Законот исто така предвидел дека зависното друштво може да се откаже од правото да бара покривање на загубата дури по истекот на три години од денот на уписот на престанокот на договорот во трговскиот регистар. Но, исто така е предвиден и исклучок од оваа одредба. Односно, друштвото може да се откаже и пред истекот на рокот од три години, ако друштвото кое има обврска да ја покрие загубата не е способно за плаќање. Исто така може да избегне плаќање заради избегнување стечајна постапка.
- Откажувањето или спогодбата се валидни дури откако со нив ќе се согласат најмалку три четвртини од надворешните акционери претставени на собранието, а за тоа нема да се спротистават малцинските акционери чии акции заедно сочинуваат најмалку една десетина од основната главнина, претставени при донесување на одлуката. Приговорот на малцинските акционери мора да се внесе во записникот на собранието, односно собирот на содружници – се појаснува во законот.
Законот исто така утврдува дека доколку не е склучен договор за водење на работите на друштвото, друштвото со мнозинско учество не може да го користи своето влијание за да го наведе зависното друштво да презема штетни правни работи или да преземе или да пропушти да преземе дејствие, освен ако друштвото со мнозинско учество се обврзе дека ќе му ја надомести штетата што му ја предизвикало на зависното друштво.
Исто така дефинирано дека, ако штетата не се надомести во деловната година, најдоцна до крајот на деловната година во која на зависното друштво му е нанесена штета, мора да се утврди кога и на кој начин тоа ќе се направи. На зависното друштво мора да му се обезбеди соодветно правно барање према владеачкото друштво.
Инаку законот утврдува дека Управниот одбор, односно извршните членови на одборот на директори на зависното друштво се должни да состават извештај за односите со друштвото со мнозинско учество за претходната деловна година, кој го поднесува како составен дел на годишниот извештај за работа на друштвото.
- Во извештајот се наведуваат сите правни зделки што во минатата година ги презело зависното друштво поврзано со друштвото со мнозинско учество или со друштво поврзано со него врз основа на повик или во интерес на овие друштва, како и сите други дејствија кои врз основа на повик или во интерес на овие друштва ги преземало или пропуштило да ги преземе во минатата деловна година. Кај правните работи се наведуваат плаќањата и противплаќањата, а кај другите дејствија се наведуваат причините за нивното преземање, како и користа и штетите настанати за друштвото. При надоместување на штета поединечно се наведува како е надоместена штетата во деловната година и дали друштвото имало право на погодности и кои биле тие – се прецизира во законот.
Имено, ова законско решение, кое веќе е пред пратениците треба да овозможи уредување на прашањето за „холдингот, односно концернот, како форми на поврзување на друштвата“, и да овозможи меѓусебното поврзување на трговските друштва, како преку нивно капитално поврзување, така и преку поврзување со претприемачки договори.
Со законот детално се уредени различните видови на договори за поврзување на друштвата, за нивното склучување, измена и престанок, како и за потребното мнозинство за одлучување за склучување на овие видови договори.
Законот утврдува дека холдинг друштво е акционерско друштво, друштво со ограничена одговорност и командитно друштво со акции кое во називот го содржи зборот „холдинг“. Дефинирано е дека холдинг друштво е она кое остварува преовладувачко влијание во eдно или повеќе друштва и кое како исклучива дејност има за управување и финансирање на тие друштва, како дејности на холдинг друштва, утврдени во Националната класификација на дејности.
П.О.