„ГЛАСЕН ТЕКСТИЛЕЦ“: Се исплаќа К-15 од 500 денари, злоупотребени се работниците и нивниот труд
Од Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец“ од Штип велат дека со исплатата на К-15 се прават многу манипулации, а работниците пријавуваат дури oткако ќе дадат отказ, во спротивно молчат.
Велат дека според пријавите кои ги добиле, има и фирми каде е исплатен К-15 од само 500 денари.
Од „Гласен Текстилец“ објаснуваат дека работодавачите до 31-ви декември пуштија К-15, но на работничките кои користеле породилно отсуство за 2017-та, во неколку фирми им кажале дека не им следува.

„Има и такви кои добиле или дале отказ, но сепак имаат 6 месеци стаж во текот на истата година и им следува. По наши укажувања, пратија барања со рок до кој работодавачите треба да се придржат и им го исплатат регресот за годишен одмор. Останува да чекаме до средината на месецот и да видиме како ќе се произнесат по тие барања. Доколку не, тогаш ќе бидат пријавени во инспекторатот бидејќи завршиле нашите надлежности. За манипулациите реагиравме и јавно при што кажавме за исплати на К-15 во износ од 100, 500 денари. Годинава требаше да биде износот 9000 денари, но со тоа што не е определен најмал износ за исплата на К-15, се случува ова што го гледаме и слушаме. Имено, неколку пати укажав и јавно на социјалните мрежи дека со преставник на работниците(секако работодавачот сам го бира и тоа е човек нему близок) се потпишува во име на тие работници дека фирмата поради тоа што работела во загуба, во договор со работодавачот, се потпишува на износ помал од утврдениот. Тоа е поради фактот што работниците немаат синдикат, не се организирани и немаат свој претставник во колективот кој ќе ги застапува нивните интереси. Но, еве во фабрика каде има реално синдикат, под ССМ, имавме случај каде се исплати К-15 во износ од 500 денари. И сега прашањето, кого брани синдикатот и зошто се плаќа членарина на еден таков синдикат кој ги брани очигледно интересите на работодавачот. Чести беа исплатите во износ од 1000, 2000, 3000, до 4000 денари. Имаме укажувања од работници каде се вели дека К-15 се иплаќа заедно со платата, односно се куси на плата, се додава К-15, и тоа се случува во континуитет три месеци. Пластично опишано, 9000 плата, 3000 денари К-15 и доаѓа до загарантираниот износ за минимална плата“ – вели Кристина Ампева, претседател на „Гласен текстилец“.
Таа објаснува дека работниците реагираат, пријавуваат и кај нив и во Хелсиншки комитет за човекови права, а воедно се информирани дека и сами можат да се обратат до инспекторатот.
„Таму најчесто одат кога веќе не се во работен однос во фирмата која ја пријавуваат, односно се работи за индивидуални случаи. Се секоја чест на ретки исклучоци, имаше мал број на конфекции , конкретно во Штип, каде исплатија К-15 во износ од 9200 денари. На крај, со оглед дека рокот беше 31.12.2017 година, значи и месецов ќе имаме работа да ја мониторираме работата на инспекторатот како ќе се произнесе по пријавите, дали има записник од работници кои назначиле свој преставник , дали фирмите работеле во загуба и слично. Процесот ќе трае верувам и наредните месеци бидејќи одлучни сме да видиме дали навистина фирмите работат со загуби. Овој проблем со исплата на регрес на годишен одмор не е само проблем на работниците, на нас невладините, туку и на инспекторатот за труд бидејќи законодавецот не предвидел најмал износ на К-15. Тоа е нешто на кое ќе работиме меѓу другото и следната година. Во ваков еден систем каде се злоупотребени работниците и нивниот труд, повеќе од потребно е да имаме концизни законски регулативи како не би се соочувале со вакви манипулации“ – вели Ампева.
Обврската за задолжителна исплата на К-15 стапи на сила во 2014 година кога на вработените во приватниот сектор како средства за годишен одмор им беа исплатени по околу 8.400 денари.
За работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско - финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.
За фирмите кои нема да исплатат К -15 е предвидена парична казна од неколку илјади евра.
Сања Атанасовска