Гласањето заврши, висока излезност и низа нерегуларности
Во 19 часот се затворија гласачките места низ земјава со што заврши гласањето за идните градоначалници и советници во општините и град Скопје. По 19 часот можеа да гласаат само оние граѓани кои се затекнати внатре во избирачките места и чекаат на ред за да го остварат своето избирачко право.
На денешните петти локални избори во независна Македонија граѓаните се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Притоа беа пријавени 350 кандидати за градоначалници и 480 листи за советници, за кои според Единствениот избирачки список право на глас имаа 1.743.403 избирачи на 2.976 гласачки места.
Како што оценија од Државната изборна комисија изборите беа фер и демократски. оттаму информираа дека излезноста на граќаните е повисока од минатите локални избори во 2009 година и до 17 часот излегле 57,57 отсто од гласачите или вкупно 1.001.753 граѓани.
Од Граѓанската асоцијација МОСТ пак регистрираа низа нерегуларности како семејно гласање, граѓани кои не биле впишани во избирачкиот список, агитирање при изборен молк.Тие имаа и најголем број набљудувачи на овие избори или околу 3 200, број со кој се покриваат околу 50 проценти од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.
Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС кој во соработка со Институтот за демократија (ИДСЦС), го спроведува проектот „Мојот избор“, за следење на локалните избори 2013 година, соопшти дека изборниот процес мина главно во мирна атмосфера и со висок одзив на гласачите. И тие нотираа извесни неправилности како семејното гласање, обидите за гласање за друг, некористење на спреј и пристрасно однесување на членови на избирачки одбори. Од граѓанската иницијатива „Цивил“, која имаше 140 статични набљудувачи и мобилни екипи, посочија дека имало повеќе случаи на агитирање на партиските активисти за време на изборите како и поткуп за гласачите.
Според портпаролот на МВР, Иво Котевски најголемиот дел од избирачките места или над 99 отсто од нив биле навреме отворени и гласањето теше без проблеми и без нарушување на избирачкото право. Тој посочи дека на некои места имало задоцнување и мали прекини при гласањето заради технички причини и поситни забелешки, но тоа генерално не влијаело на избирачкиот процес.
Се пребројуваат гласовите...
ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ОИК првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од седум часа по завршувањето на изборите. Изборната комисија на градот Скопје пак првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ОИК за градот Скопје.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето во општините ако ниту еден кандидат за градоначалник не го добил потребното мнозинство гласови. Во овој случај се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
Слично
