Ѓорѓе Иванов – името и економијата
Вокабуларот на Иванов, е различен од оној кога го бараше гласот од граѓаните во 2009. Во оваа предизборна кампања Иванов голем дел од говорите беа за спорот со името.
„Не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Како Претседател, нема да дозволам решение за спорот наметнат од Грција, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со решението“, говореше на митинзите Иванов.
Особен акцент Иванов посветуваше и на економијата, иако претседателот и нема некои позначајни овластувања во таа сфера. Тврдејќи дека е дел од како што велеше победничкиот Тим за Македонија, Иванов постојано ја фалеше работата на Владата, дека имал одлична соработка со извршната власт и дека така требало да изгледа вистинска држава.
Сепак, и за време на изборната кампања Иванов го пратеа неколку гафови. Неколку лапсузи на интервју дадено во вечерните часови кај провладина телевизија, неубедливиот настап на претседателското соочување на националниот сервис, но и гафови од типот „Тие што не ме знаат, знаат дека имам три принципи“, понатаму „Во демократија и на Господ треба да му се помогне. Господ сè сам не може, треба да се излезе на избори и да се гласа“, велеше Иванов.
За симпатизерите на Иванов, тој сепак ќе остане чесен и искрен и затоа како таков ја бара довербата од граѓаните за втор претседателски мандат. За Премиерот Груевски, Пендаровски е „матрица на Црвенковски“, додека Иванов бил искрен, чесен и стабилен човек.
Кратка биографија: Роден е во Валандово на 2 мај 1960 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, но кариерата ја започнал како новинар во Македонската радиотелевизија, поточно Радио телевизија Скопје како што се нарекувала во 1988 година. Таму работел седум години стигајќи до позиција уредник на Третата програма на МРТВ. Во 1995 година, Иванов ја започнал неговата универзитетска кариера на Правниот факултет. Магистрирал политички науки на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа“. Докторатот му е насочен кон градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија. На изборите во 2009 година Иванов, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ го победи Љубомир Фрчкоски, кандидат на СДСМ.
Слично
