Ѓоковиќ ги објасни своите активности откако дознал дека е позитивен на корона вирусот
Првиот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ синоќа излезе со соопштение во кое ги објаснува своите активности откако дознал дека е позитивен на корона вирусот, како и дека неговиот тим направил грешка при пополнувањето на патната декларација за Австралија.
Ѓоковиќ на својот Инстаграм профил напиша дека се обраќа поради „континуирани дезинформации за неговите активности и присуство на настани“.
„Оваа дезинформација мора да се коригира, особено во интерес да се ублажат реакциите на јавноста за мојот престој во Австралија, како и да се разјаснат работите кои се штетни и загрижувачки за моето семејство“, напиша тој.
Српскиот тенисер додаде дека се трудел да ги заштити сите околу него и дека се придржувал на тестирањето за корона вирусот.
„На 14 декември присуствував на кошаркарски натпревар во Белград (Црвена звезда – Барселона), по што пристигна информација дека голем број луѓе се позитивни на корона вирусот. Иако немав никакви симптоми, на 16 декември направив брз антиген тест, кој беше негативен. Тој ден направив и PCR тест. Следниот ден бев на тениски настан во Белград за да им доделам награди на децата. Пред заминување направив нов тест за антиген, кој беше негативен. Се чувствував добро, а дури по настанот добив позитивен ПЦР тест“, напиша Ѓоковиќ.
Тој изјави дека следниот ден, на 18 декември, во неговиот тениски центар во Белград дал интервју за францускиот весник E'kip и дека тоа го направил за да не го разочара новинарот.
„Се обидов да ја задржам пропишаната дистанца и цело време носев маска, освен кога се сликав. После тоа отидов дома да се изолирам. Кога ќе размислам сега, грешка беше што го прифатив интервјуто, кое требаше да го одложам“, додаде Ѓоковиќ.
Претходните денови во медиумите се појави слика од декларацијата за патување во која беше наведено дека Ѓоковиќ не патувал 14 дена пред да пристигне во Австралија.
На крајот на декември беа објавени снимки на кои се гледа како Ѓоковиќ се подготвува за првиот Грен слем сезона на Австралија Опен (АО) во Марбела, Шпанија.
Српскиот играч истакна дека декларацијата за патување ја пополниле луѓе од неговиот тим. Тој напиша и дека неговиот агент искрено се извинил за грешката, кога означил погрешна ставка.
„Тоа е човечка грешка, немаше намера. Живееме во предизвикувачки времиња, во глобална пандемија и понекогаш се случуваат вакви грешки. „Мојот тим денеска достави дополнителни информации до Владата на Австралија, со цел се да се разјасни и реши“, напиша тој.
Ѓоковиќ кон средината на минатата недела пристигна во Мелбурн, каде веднаш му беше одбиена виза, па до понеделник беше во прифатниот центар за мигранти.
Во понеделникот Федералниот суд донесе пресуда со која ја поништи одлуката на австралиската влада, а Ѓоковиќ оттогаш слободно се движи во Австралија и продолжи да се подготвува за АО.
Најдобриот светски тенисер напиша дека е чест и привилегија да се игра на Австралија опен, кој го сакаат играчите, навивачите и пошироката заедница.
Само сакам да имам можност да се борам со најдобрите во светот и да играм пред една од најдобрата публика во светот“, заклучи Ѓоковиќ.
Отвореното првенство на Австралија започнува на 17 јануари.
