Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ги продаваат најдобрите модели на пијано, велат дека македонскиот пазар има потенцијал

Ги продаваат најдобрите модели на пијано, велат дека македонскиот пазар има потенцијал

Бојан и Даниел Ристески се единствените продавачи на нови и висококвалитетни модели на пијано во Македонија, а семејството буквално ги покрива сите институции и настани во земјата како пијано-техничари и клавир-штимери. Двајцата браќа преку нивниот изложбен салон „Пиано Центре“ директно ги нудат, но и посредуваат при продажба, овие ексклузивни инструменти, за кои велат дека, иако може да достигнат и сума од преку 100.000 евра, имаат потенцијал да бидат купени на македонскиот пазар.


Даниел и Бојан со светски познатиот пијанист Симон Трпчевски и таткото Кире

- Идејата за Пиано Центре произлезе од работата на мојот татко Кире Ристески кој е официјален пијано-техничар и клавир-штимер на Факултетот за музичка уметност и целата музичка дејност,  Македонска Филхармонија, Македонска Опера и Балет, Скопско Лето, Охридско Лето, Скопје Џез Фестивалот и останатите музички институции и фестивали во Македонија. Неговата љубов и страст за пијана ни ја пренесе низ годините па така тргнавме и ние по чекорите на нашиот татко - вели постариот Бојан Ристески.

Со многу труд и напорна работа добиле можност да специјализираат во врвните фабрики за пијана Steinway and Sons и Boesendorfer.

- Со целото знаење, препораки и искуство кое го стекнавме низ светските пијано гиганти, оваа година го отворивме Пиано Центре за продажба, изнајмување, транспорт, пренос на нови вертикални и концертни пијана, сервис и комплетно одржување како и репарација на половни вертикални и концертни пијана - додава Бојан.

Од актуелните брендови имаат широка палета на пијана почнувајки од најмалите Modern Ritmuller EU112 и Feurich 115 Premiere до најголемите концертни Ritmiller GH 212 Semi Concert t и Feurich 218 Concert I. Најевтиниот чини 2.990 евра, а поскапите достигнуваат цена колку една гарсониера во Скопје.

- Со ова, во нашиот таргет влегуваат младите ентузијасти од нижо музичко училиште се до успешните пијанисти кои концертираат низ концертните сали насекаде низ светот. Во составот на Македонската Опера и Балет се наоѓа нашиот изложбен салон со новите пијана, кои се достапни за проба, за сите оние кои се заинтересирани да купат или изнајмат ново пијано.  Благодарение на банкарска соработка, имаме можност да ги понудиме сите пијана на 12 и 24 рати без

камата - додава постариот Ристески.


                        Концертното пијано Feurich 218

Тој ја нагласува и општествената одговорност во нивното делување.

- Во текот на наредните години имаме задача да го обновиме стариот музички инструментариум во Македонија со нов, а и да го репарираме веќе постоечкиот. Нашата визија е конечно да им овозможиме на сите љубители на музиката да дојдат до нови и квалитетни пијана, со што би придолнеле да го збогатме културно уметничкиот живот во Македонија, а со тоа секако би се зголемил бројот на културно уметнички настани - вели Бојан.


         Моделот Ritmuller EU118 Classic со одличен кабинетски дизајн

Пиано Центре е официјален застапник за брендовите Feurich и Ritmuller во Македонија, но има соработка со сите останати брендови на пијана. 


Бојан и Даниел и Урлих Герхарц, Директор на Стенвеј во Лондон, во Македонската Филхармонија

A.K.








Слично

Поврзани вести