ГИ ПРАШАВМЕ РАБОТОДАВАЧИТЕ: Дали би вработиле лице кое има повеќе од 62 години?
Идните пензионери се загрижени по препораката на Фискалниот совет дека старосната граница за пензионирање треба да се зголеми на 67 години за мажи и за жени, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека е против тоа, но и газдите не гледаат благонаклоно на истото.
Тие сакаат млади и способни работници, а не лица кои имаат навршено над 60 години и чија продуктивноста е драстично намалена. Дури и досега имаше многу поплаки дека лицата кои се повозрасни не ги даваат посакуваните резултати на работното место. Газдите велат дека би било добро да имаат на располагање помлади работници, а повозрасни лица би вработиле како крајна опција ако нема избор на кадар.
„Ако нема избор на работна сила, да. Но, најдобро е работниците да се на возраст од 27-28 до 40 години, тоа да биде носечката работна сила, но тоа не значи дека и со 50 години лицето не може да работи. Тоа е индивидуално. Зависи од човекот, од можностите, и од здравствената состојба. Ние немаме работна дисциплина во нашата земја, таа е сведена на минимум, немаме вредности, немаме ништо“, вели Maријана Перковска од Текстилниот кластер.
За физичка работа сепак помладите работници би биле поефективни.
„Ако е експерт во својата струка и може да го пренесе знаењето на младите, тогаш може повозрасен работник. Ама зборувам за експертиза, не говорам за обичен работник. Ако е за обичен работник, младите подобро ќе ја завршат работата од старите. Доколку се работи за експертиза, тоа е друг муабет и тука треба да се размислува. Ние заборавивме колку многу знаење има кај постарите. Сепак, идеални би биле работниците на возраст од 25 до 50 години, не може лице на 18 години да е идеална работна сила, затоа што претходно треба да созрее во работниот процес“, додава Валентина Дисоска, претседателка на Здружение на бизнис жени на Македонија.
Од друга фирма од Прилеп, велат дека кога се работи со луѓе, мора да има емпатија, но би биле среќни кога би имале поголем број на работници на возраст над 30 години, созреани, искусни, лојални.
„Би примиле работничка над 60 години ако ѝ треба работа, ако има искуство, ако мораме. Ќе мора да се помириме со реалноста, ако нема помлади работници. Би било добро да има повеќе работници над 20 години возраст, а со тие над 30 години имаме најдобра комуникација“, објаснуваат од прилепска компанија.
Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ) се изјасни против зголемувањето на старосната граница за пензионирање. Опозицијата исто е против. Од Левица порачаа дека пензионерите нема да ги плаќаат грешките на системот. Од Владата тврдат дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање и дека се прават напори за стабилизирање на состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/EyeEm
