Ги плаши ли некој големите акционери во „Фершпед“
Најголемата домашна шпедиција стерилизираше сопствени 200.000 евра. Парите завршија во сопствени акции кои сега нема да носат право на глас ниту право на дивиденда. Дали е ова е правилен и промислен делофен потфат на раководството? Во услови кога „короната“ го зема данокот и се намалува деловната активност на компаниите, паѓаат приходите и сите рационализираат да купиш сопствени акции на 200.000 евра е навистина невообичаен деловен потег....
„Фершпед“ одвои 200.000 евра компаниски пари во „корона услови“ и со нив купи 200 сопствени акции. Оваа трансакција се случила во петокот на 12 февруари во блок на Македонската берза за хартии од вредност, а пред три дена дојде и официјалната потврда од „Фершпед“ преку објава на СЕИ НЕТ информативниот систем. Со последниве 200 акции „Фершпед“ „зароби“ 200.000 евра и за толку пари ќе се намали неговата ликвидност. Цената по која е платена секоја акција во таа блок трансакција е 1.000 евра во денарска противвредност.
Основано е прашањето дали е ова издржан деловен потег на „Фершпед“ во услови кога, барем за првите девет месеци лани, профитот на компанијата е преполовен заради „корона кризата“, а приходите се намалени за 20 отсто. Повеќе на следниот линк.
Со последниот деловен потег „Фершпед“ го зголеми учеството на акциите од сопствен откуп во основната акционерска главнина до износ од 9,66 отсто од законски дозволениот плафон од 10 отсто од главнината.
Модалитетот „сопствен откуп“ законодавецот го овзможи за да компаниите акционерски друштва имаат бедем на одбрана од непријателско превземање, а од друга страна за да можат преку интервенции на пазарот да се справуваат со шпекуланти. Во оваа ситуација во која акцијата на „Фершпед“ се тргува ретко и без значајни осцилации не може да се даде аргумент дека овој деловен потфат е оправдан во смисла на горенаведените можни сценарија. За жал во нашата корпоративна реалност и пракса стана плавило и вообичаена слика со „амин“ на големите акционери некои компании да алоцираат средства во сопствени акции и корист од тоа да имаат единствено големите поединечни акционери. Реално за оваа активност мали акционери ниту имаат сила да влијаат во изборот ниту пак се прашуваат во значајна мерка.
Најголеми акционери во „Фершпед“ се „Макошпед“ со посед врз 19,65 отсто од акциите, „Европа“ со 8,55 отсто и браќата Накови (синовите на Штерјо Наков) од кои Сашо има 11,05 отсто, а Драган 11,83 отсто. Овие 4 акционери заедно контролираат 51 отсто од акциите на „Фершпед“.
Р.Ф.