Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ги губи ли Македонија надежите за европска перспектива во скоро време?

Ги губи ли Македонија надежите за европска перспектива во скоро време?

Се откажува ли Македонија предвреме од позитивен исход на декемврскиот самит на ЕУ – за нејзината амбиција да ги почне преговорите за членство? И петтата позитивна препорака добиена од Европската Комисија да остане тоа што е – само препорака и ништо друго, без надеж дека има шанси да се валоризира.

До бриселскиот самит остануваат речиси три недели, а премиерот Никола Груевски викендов, се чини, ги соопшти јавно реалните очекувања од него. Вели дека не е изненаден од најавите од Брисел дека и оваа година Македонија нема шанси да добие датум за почнување на преговорите за членство во Унијата.

Такво нешто не е изненадување, знајеќи го ставот на Грција, нејзините позиции и постојани повторувања дека нема да дозволи Македонија да добие датум додека не се промени името. И, очигледно, тоа се бара согласно нејзините барања, во смисла не само да се промени името и идентитетот, туку и изборот на ново, да биде по нејзина мерка, изјави Груевски.

Ваквиот став на Груевски уште повеќе се потенцира ако се земат предвид и неофицијалните информации што доаѓаат од Брисел, а кои велат дека уште на подготвителните сесии за декемврискиот самит, официјална Атина воопшто не сакала да отстапи од позицијата – без решение за името нема одредување на датум за почеток на преговори.

Во изјавата на премиерот се гледа една рамнодушност која во иднина може да се претвори и во песимизам или негативно расположение за влез во Унијата. Кое сакале ние или не постојано ќе расте поради статус-кво ситуацијата во која се наоѓа државата, вели за Фактор универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Според него, како ќе минува времето тој песимизам ќе се зголемува, се до оној момент кога политичките субјекти и граѓаните, ќе почнат да размислуваат дека членството во НАТО и, особено, во ЕУ не е примарен таргет. Иако, кај партиите тоа како цел ќе остане на декларативно ниво запишано само во нивните програмски определби.

Згора на тоа, Грција од 1 јануари идната година го преземе шестмесечното претседателствување со Унијата, што само по себе, упатува на претпоставка – дека во ситуација во каква се наоѓа јужниот сосед погоден од економската криза, проширувањето целосно да биде ставено ad acta, па Македонија извесно е да остане под мраз и во првата половина од 2014. Дали тоа значи дека може да се запостават сите оние прашања поради кои Македонија или добивала засилен мониторинг, или отворени критики од Брисел. Особено ако се земе предвид последниот тек на настаните поврзани со случаите Шиповиќ и Кежаровски. Претседавачот на Советот на општина Центар по 2-3 недели одлагање, пред некој ден е екстрадиран и е во притвое. А, Обвинителството побара новинарот Томислав Кежаровски од куќен, да се врати во затворски притвор. Дополнително, пратеникот Павле Трајанов го повлече предлогот за ублажување на санкциите за откривање на заштитени сведоци, а мнозинството во Парламентот на собраниската комисија за Политички систем го одби предлогот на Ивон Величковски за амнестија на Кежаровски.

И, ако на сето тоа, се додаде дека дијалогот меѓу новинарите и Владата е замрзнат, а само математичката  бројка во Парламентот (спротиставувањето на ДУИ), го спречува носењето на законот за медиуми – се поставува прашањето – значи ли тоа кревање раце од побрзо доближување до Европа?

Сепак, Кекеновски смета дека овие прашање нема така лесно да се тргнат од дневен ред. Без разлика што Грција е претседавач, таа е само прва меѓу еднаквите во ЕУ. Уште повеќе, можно е под нејзино претседателство, да се направи притисок за изнаоѓање солуции за сите овие прашања. Дотолку повеќе што, вели тој, Атина ќе се обиде да исфрли на површина што е можно повеќе слабости и забелешки за нас и нив постојано да ги потенцира.

Ф.З.
Слично

Поврзани вести