Германските компании ги одложуваат инвестициите во САД поради царините на Трамп, се вртаат кон ЕУ
Германската индустрија внимателно го следи враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, а многу компании ги одложуваат или постепено ги напуштаат планираните инвестиции во Соединетите Американски Држави. Ова го посочува последниот извештај на Институтот за економски истражувања IFO од Минхен објавен денеска.
Повеќе од 60 проценти од анкетираните компании од преработувачкиот сектор наведуваат дека се директно погодени од новите американски царини, додека речиси ист процент стравуваат од посилен конкурентски притисок од кинеските производители поради американската трговска политика, пренесуваат медиумите.
Околу една третина од германските компании очекуваат дека до крајот на вториот претседателски мандат на Трамп, американскиот пазар ќе изгуби важност во нивните деловни стратегии.
Воедно тие посочуваат дека најавите за зголемување на царини на увозот во САД веќе имаат негативно влијание врз економиите на САД и Германија.
Според извештајот речиси 30 отсто од германските компании што планирале инвестиции во САД ги одложиле, додека 15 проценти целосно ги откажале.
И домашните инвестиции во Германија се погодени – 21 отсто од фирмите ги одложиле планираните вложувања, а 8 проценти ги откажале.
„Секоја трета индустриска компанија очекува пренасочување на трговските релации од САД, а само 17 отсто очекуваат зголемување“, наведува ifo.
Повеќе од 60 отсто од анкетираните компании пријавиле негативни последици од американските царини воведени во јануари.
Институтот ifo секој месец анкетира илјадници компании за да изготви економски прогнози.
