Германскиот парламент усвои мерки против скапото гориво
Германскиот парламент усвои пакет мерки за економска помош за граѓаните погодени од високата инфлација, вклучително и воведување месечен билет за јавен превоз од само девет евра низ целата земја.
Владата ќе одвои 2,5 милијарди евра за компензација на загубата на приходи на превозниците, објави агенцијата ДПА.
Мерката за поевтини месечни билети за јавен превоз, предложена од коалицијата на левиот центар, има за цел да поттикне повеќе луѓе да не возат автомобили и да се префрлат на користење на поеколошки начин на транспорт. Продажбата на билети ширум земјата започнува веќе во понеделник.
Пакетот вклучува и намалување на даноците на бензинот и дизелот за кварталниот период, со што даноците за енергија се спуштаат на минималното ниво дозволено во Европската унија.
Мерката има за цел да ги намали цените на нивоата пред кризата. Сепак, ова сега е контроверзно, бидејќи цените нагло паднаа во Германија, по првичниот раст поради руската инвазија на Украина.
