Германски новинар со незгодни прашања за Попоски: Аболицијата не му требаше на Иванов!
Жестоко интервју – тешки и незгодни прашања за Попоски од германскиот новинар, адвокат и поранешен политичар од Христијанско-демократски сојуз на Германија (ЦДУ) партијата на Ангела Меркел во емисијата „Зона на конфликти“ на Дојче Веле.
Шефот на македонската дипломатија тврди дека прислушкувањето е дело на лидерот на СДСМ, Заев. Попоски вели дека мнозинството граѓаните ја поддржуваат неговата партија и го критикува претседателот Иванов за амнестијата, пренесува Дојче Веле.
„Патот до пеколот понекогаш е поплочен со добри намери“. Ова е објаснувањето на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за општата аболиција која ја прогласи претседателот на државата Ѓорге Иванов. Во интервју за специјалниот магазин „Зона на Конфликти“ на Дојче Веле, Попоски меѓудругото, за политичката криза и прислушкувањето во земјата го обвинува лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Изборите биле одложени заради СДСМ, откако сите други партии сакале да учествуваат на нив, тврди министерот за надворешни работи.
„Не мислам дека претседателската аболиција беше од корист. Мислам дека не требаше да се случи. За земјата ќе беше подобро доколку тој тоа не го стореше“, вели Попоски. Тој признава дека аболицијата ја влошила политичката состојба, но не мисли дека поради тоа Иванов треба да си поднесе оставка.
