Германски Кеслер отвара фабрика во Скопје
Германската компанија Кеслер ќе отвори фабрика во индустриската зона „Скопје“ 1 откако потпиша договор со ДТИРЗ и директорот Александар Младеновски.
Согласно договорот компанијата добива на користење градежно земјиште со површина од 1,3 хектари, а според најавите од компанијата предвидена е изградба на објекти во две фази во кој ќе се врши производство на електромотори. Во рамки на инвестицијата предвидено е и воспоставување на центар за заеднички и инжинерски услуги и развој на нови производи на компанијата Кеслер во Македонија.
Компанијата Кеслер најави дека планира да започне со работа кон крајот на 2018-та година, а производството ќе биде наменето за германскиот пазар. Се планираат најмалку 80 работни места во наредните три години, машински и електро инжинери, како и друг висококвалификуван кадар. Од Кеслер информираат дека веќе имаат стапено во контакт со високо образовни институции во нашата земја и планираат соработка со техничките средни училишта. Компанијата планира соработка и со домашни добавувачи за набавка на суровините потребни за нејзиното производство.
Како производител на алатки и системи за машинска обработка и брусење, електромотори, делови за CNC машини, индустриска електроника итн, компанијата Кеслер има над 90 годишна традиција. Ова е нејзина прва инвестиција во производствени погони надвор од матичната земја и ќе биде прва фабрика од ваков тип во Македонија.
