Германски експерти подучуваат – што треба да знаете на првото интервју за работа?
„Прво интервју за работа, што се треба да се знае“ е темата на конференцијата што се одржува денеска во Скопје во организација на претставништвото на Стопанската комора на Германија во Скопје, Агенцијата за привремени вработувања „Анторис“ и Комитетот на германското стопанство за Источна Европа.
Претставници на компаниите и на агенции за привремени вработувања на студенти кои волонтирале во Германија им укажуваат на можностите за вклучување на пазарот на труд.
Успешното претставување на првото интервју за работа е клучно за добивање можност за почнување кариера. Младите и покрај добрите квалификации од образованието треба да се подготват за интервју, затоа што пазарот на труд во Македонија е комплексен и на младите треба да им се помогне при аплицирање за работа, вели Ирена Несторовска, директор на „Анторис“.
„Секоја фирма бара различни квалификации и искуства, а младите претежно се неквалификувани и непрофесионално се однесуваат на интервјуата за работа. Однесувањето на првичното интервју е многу важно за вработувањето затоа што тука го оставаат првиот впечаток“, вели Несторовска.
Стопанската комора на Германија веќе седум години организира стипендиска програма за млади луѓе, кои одат на пракса во врвни германски компании.
„По нивното практично искуство таму и работа на реални проекти во реални тимови, се враќаат во Македонија, со стекнато квалитетно стручно знаење, но без знаења како практично да настапат на пазарот на труд, што треба да прават на интервјуто за работа, а што не“, изјави Марија Радевска.
Анкетата меѓу германските компании инвеститори во Македонија покажала дека секоја година има се повеќе компании што се задоволни од работната сила на македонскиот пазар на труд, но оти сепак мора да вложуваат дополнително во нивната доедукација.
Слично
