Германија решава за судбината на Грција, клучното гласање е во среда
Претседателот на долниот дом на германскиот парламент ги покани пратениците на вонредна седница во среда наутро, за да гласаат за новата спасувачка програма за Грција.
Норберт Ламерт ја испратил поканата денеска наутро, откако вчера министрите за финансии од еврозоната ја одобрија спасувачката програма на состанокот во Брисел.
Иако речиси сигурно Бундестагот ќе го поддржи пакетот од 86 милијарди евра кредитна линија за Грција, на гласањето се гледа како тест за германската канцеларка Ангела Меркел. Минатиот месец 65 пратеници од конзервативците гласаа против почеток на преговорите со Атина за трета спасувачка програма.
Во средата можеби конзервативните пратеници ќе гласаат против програмата, особено кога нема гаранции дека Меѓународниот монетарен фонд ќе учествува во спасувачката програма.
Сојузниците на Меркел изјавиле дека пратениците во последниве недели сметаат дека учеството на ММФ е како услов за договор.
