Германија подготвува голема пензиска реформа: Државната пензија нема да биде доволна за стандардот
Германија се подготвува за значајни промени во пензискиот систем, откако канцеларот Фридрих Мерц најави темелна реформа со која државната пензија ќе има само основна улога.
- -Законското пензиско осигурување во иднина ќе биде само основна заштита во староста и нема да биде доволно за одржување на животниот стандард – изјави Мерц, пренесуваат германските медиуми.
Тој најави поголем фокус на капитализирани модели на штедење, односно индивидуални пензиски фондови и штедни планови преку работодавачите, слични на вториот и третиот столб.
Во германската влада веќе работи посебна комисија која подготвува сеопфатна реформа, а конкретните мерки се очекува да бидат презентирани во текот на летото.
Целта на реформата е да се создаде одржлив пензиски систем, особено поради стареењето на населението и зголемениот притисок врз јавните финансии.
Се очекува предложените промени да предизвикаат јавна дебата, бидејќи ќе влијаат врз начинот на кој граѓаните ја планираат својата финансиска сигурност во староста.
Иако засега нема информации дали реформите ќе влијаат на постојните пензии, извесно е дека ќе ги засегнат идните пензионери, вклучително и странските работници во Германија.
Тпортал