ГЕРМАНИЈА ОСТАНУВА НАЈДОБРИОТ ТРГОВСКИ ПАРТНЕР – „вшмукуваат“ најголем дел од домашниот извоз, ама кусокот и понатаму расте
Германија останува нашиот најголем трговски партнер и најдобриот со оглед на фактот што најголем дел од извозот на домашните компании оди во оваа европска земја. За разлика од останатите трговски партнери, од каде најчесто увезуваме многу повеќе отколку што извезуваме, Германија е партнер каде извозот е далеку поголем од увозот.
Од почетокот на минатата година па се до ноември во Германија се извезени стоки во вкупна вредност од 2,7 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Но, од нив исто така може да се види, дека и понатаму се соочуваме со истите проблеми, бар кога станува збор за трговската размена на стоки. Имено, трговскиот дефицит на Македонија, или поедноставно кажано кусокот во трговската размена со странските земји останува и понатаму висока и достигнува дури 3,11 милијарди евра за 11 месеци во текот на 2025 година.
Високиот дефицит, не е новина за нашата економија, но загрижува податокот дека состојбите не се менуваат, поради што и понатаму се одлеваат високи суми за увоз на стоки, но дополнително последните години се зголеми разликата меѓу увозот и извозот. Односно покриеноста на увозот со извоз за споменатиот период достигнува 70,4 проценти. За споредба , за споредба минатата година истиот период покриеноста достигнувала 71,3 проценти, додека пак истиот период 2023 година 75,4 отсто.
Според ДЗС, Македонија во 11 месеци од 2025 година успеала да извезе повеќе производи отколку што биле увезени само уште од Унгарија. Имено таму се извезени стоки во вредност од 339 милиони евра, додека увезени во вредност од 197 милиони евра.
Меѓу најголемите трговски партнери на нашата земја е и Велика Британија, но со голем минус за нашата земја. Вкупниот извоз кон оваа земја изнесува 104 милиони евра, додека увозот високи 1,3 милијарди евра.
Соодносот е уште полош ако се погледнат бројките за трговската размена со Кина. Кон оваа далечна источна земја сме извезле стоки во вредност од само 48 милиони евра, а сме успеале да увеземе „дебели“ 1,13 милијарди евра.
Како стоиме со соседите?
Кај дел од нашите соседи извезуваме и увезуваме стоки чија вредност не отстапува многу, но сепак повеќе увезуваме отколку што извезуваме. Па така кон северниот сосед сме извезле стока вредна 421 милион евра, а била увезена стока од Србија вредна 688 милиони евра.
Соодносот и со источниот сосед е сличен. Кон Бугарија е извезена стока „тешка“ 421 милион евра, но вредноста на увезената стока достигнала 507 милиони евра.
Разликата со нашиот јужен сосед е поголема, и кон Грција сме извезле стока вредна 245 милиони евра, а вредноста на увезената стока достигнала 855 милиони евра.
Што увезуваме, а што извезуваме?
Ако се погледнат податоците за увозот и извозот според секторите, ќе се забележи дека за категоријата Храната и живи животни се одлеваат најмногу пари. Имено, по овој основ била увезена стока вредна над 1 милион евра, додека била извезена стока вредна 500 илјади евра.
Висока сума се одлива и за увозот на Минерални горива, мазива и сродни производи. За нивна набавка се одлеале 1,1 милион евра, додека извезени се производи вредни само 202 илјади евра.
Статистичарите од ДЗС пак посочуваат оти трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Додека пак во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
- Во периодот јануари – ноември 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,7 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59,3 проценти во вкупната размена – се наведува во објавата на ДЗС.
П.О.