Германија ќе има дефицит од над 4 милиони работници?
Германската економија веќе очајно бара стручен кадар, но поради забрзаното стареење на населението, овој проблем ќе се претвори во вистински економски колапс во наредните години.
Според најновата студија на Институтот за германска економија (IW), недостигот на работна сила на пазарот на трудот ќе биде драстично поголем од претходно предвиденото.
Новите прогнози покажуваат дека Германија се соочува со историски недостиг на работна сила, што може сериозно да ја загрози стабилноста на водечката економија во Европа.
Три клучни факти од студијата:
Огромен недостиг на работници: До 2036 година, недостигот на германскиот пазар на труд ќе изнесува околу 4,3 милиони работници, што е драстичен скок во споредба со прогнозата од пред две години, кога се зборуваше за бројката од три милиони.
Пад на населението: Демографските податоци покажуваат дека до 2045 година во Германија ќе живеат околу 81,1 милиони луѓе, што е за 2,9 проценти помалку од сегашната состојба.
Потенцијалот на работната сила е во остар пад: Вкупниот потенцијал на работната сила ќе се намали за 6,9 проценти до 2036 година - од 55 милиони, како што е евидентирано во 2025 година, на само 51,2 милиони луѓе.
Како главна причина за ваквите драматични прогнози, експертите на институтот IW наведуваат значително пониски стапки на имиграција од оние предвидени во претходните економски модели.
Во извештајот се наведува дека до 2036 година, само 9,8 милиони жители ќе достигнат работоспособна возраст, што е апсолутно недоволно за да се покрие бранот масовни пензионирања на постарите генерации. На долг рок, до 2045 година, потенцијалот на работоспособното население ќе се намали за дури 8,3 проценти, на само 50,4 милиони луѓе, пренесува Б92.