ГЕРМАНИЈА ЈА ФАЌА ПАНИКА: Индустријата на удар, конкуренцијата ја претекнува
Германските индустриски компании сметаат дека нивната конкурентност е на рекордно ниско ниво, покажува денес објавениот извештај на Минхенскиот институт за економски истражувања ИФО за октомври.
Повеќе од третина компании, 36,6 проценти, изјавиле дека се помалку конкурентни во споредба со ривалите надвор од Европската унија, што претставува значителен раст во однос на 24,7 проценти во јули и воедно е највисока вредност забележана во овие анкети.
Дури 21,5 проценти од германските фирми сметаат дека заостануваат зад конкурентите во рамките на Европската унија, што исто така претставува негативен рекорд.
„Конкурентноста на германската индустрија е на нов минимум“
Ова го констатира раководителот на истражувачкиот сектор на ИФО, Клаус Волрабе. Намалувањето на конкурентноста е присутно во сите сектори, но најсилно ги погодува енергетски интензивните индустрии.
Во хемискиот сектор, повеќе од половина компании пријавиле пад на конкурентноста, во производството на електронски и оптички уреди тој удел е 47 проценти, а во машинската индустрија околу 40 проценти.
„Проблемите се познати – сега е клучно решително да се спроведат реформи. Без суштински промени, Германија ризикува понатамошен пад во глобалната конкуренција“, додаде Волрабе.
Инвеститорите го губат оптимизмот
Ни резултатите од анкетата на Лајбницовиот центар за европски економски истражувања од Манхајм за ноември не се оптимистички. Тие покажуваат дека очекувањата на инвеститорите за економската состојба во Германија благо опаднале по два месеца раст.
Вредноста на индексот кој ја мери економската перспектива за Германија паднала од 39,3 поени во октомври на 38,5 поени.
„Падот на вредноста на индексот укажува на слабеење на довербата на инвеститорите во способноста на германската влада да спроведе ефикасни економски мерки“, коментира претседателот на Лајбницовиот центар, професор Ахим Вамбах.
Погоршувањето е најизразено во хемиската и металната индустрија, но и во банкарскиот сектор и осигурувањето.
Состојбата и очекувањата во еврозоната
Паралелно со тоа, оценката за тековната економска ситуација во Германија пораснала за 1,3 поени на минус 78,7 поени, што покажува дека економската состојба останува предизвикувачка, и покрај благиот напредок.
Очекувањата за еврозоната се благо подобрени. Вредноста на релевантниот индекс пораснала за 2,3 поени на 25 поени, а индексот што ја оценува сегашната состојба во еврозоната се зголемил за 4,5 поени на минус 27,3 поени, се додава на веб-страницата на германскиот економски институт.
